Македонија
20. October 2020 - 14:01

Обвинителствата преоптоварени, обвинители нема доволно

Основните и Вишите јавни обвинителства во државата функционират со намален број на јавни обвинители. Советот на јавни обвинители во неговиот Стратешки план 2020-2023 објавен неодамна, вели дека во 2019 година, јавнообвинителската функција требало да ја обавуваат вкупно 257 јавни обвинители, а пополнети биле 200 јавнообвинителски места, или 57 јавни обвинители помалку.

Согласно зголемената на надлежност на Јавните обвинителства по донесувањето на  Законот за кривична постапка (кој се применува од 1 декември 2012), во Стратешкиот план на СЈО, се вели дека вкупниот број на обвинители не е доволен, и обвинителствата веќе со години се соочуваат со преголема оптовареност.

– Покрај очекувањата за зголемен број на обвинители, напротив бројот на обвинителите е намален најчесто поради природниот одлив, односно исполнување на законските услови за пензионирање, како и поради недоволен број на кадри за јавни обвинители кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, велат од Советот на јавни обвинители на РМ.

Со споредба на работата и бројот на јавните обвинители пред донесувањето и примената на новиот ЗКП, може да се согледа дека со зголемен обем на работа јавните обвинителства функционираат со намален број на јавни обвинители. Така во 2012 година во Основните јавни обвинителства се постапувало за вкупно 43.216 сторители на кривични дела, во 2013 година за вкупно 43.335 сторители на кривични дела, додека во 2019 година јавните обвинители постапувале по пријави за вкупно 45.073 сторители на кривични дела. Во Вишите јавни обвинителства, пак, во 2013 година, се постапувало по предмети за 31.372 сторители на кривични дела, а во 2019 година за 34.327 сторители на кривични дела.

– Бројот на јавни обвинители кои исполнуваат услови за остварување на пензија во 2020-2023, согласно законот е вкупно 37. Треба да се има предвид дека согласно Законот за работни односи, овие јавни обвинители можат да го продолжат работниот однос максимум уште за три години, што претставува околност која ќе го забави природниот одлив и делумно може да ги ублажи последиците од недостатокот на јавнообвинителските кадри, појаснуват од Советот на јавни обвинители.

Времетраењето на обуките во Академијата за судии и јавни обвинители да се намали

Анализите на Советот на јавни обвинители покажуваат дека кандидатите за јавни обвинители кои во наредниот период ќе ја завршат Академијата за судии и јавни обвинители нема во целост да го компензират природниот одлив на јавнообвинителски кадар.

– Приливот на нови кадри нема да го ублажи ниту ќе го реши недостигот од јавнообвинителски кадар. Од тие причини потребно е да се направат законски измени, кои ќе овозможат времетраењето на обуката да се намали, а употребата на правни средства да не го пролонгира почетокот на обуката. Исто така, приемот на кандидати за јавни обвинители, имајќи ја предвид месната надлежност на основните јавни обвинителства каде што има недостаток на јавни обвинители и подготвеноста на кандидатите јавнообвинителската функција, да ја вршат во тие јавни обвинителства, велат од СЈО во Стратешкиот план за 2020-2023.

Законските измени според нив можат да се извршат и на начин што ќе се врши прием во АСЈО на РМ, секоја година во поголем број на кандидати или да отпадне практичниот дел на обука со што ќе се овозможи поголем број на кандидати да ја завршат Академијата.

– Ваквиот начин на обука и прием да биде до обезбедувањето доволно кадри за нормално функционирање на јавните обвинителства според искажаните потреби по годишните планови на Советот на јавните обвинители на РМ, посочуват од Советот.

Во Стратешкиот план на Советот на јавни обвинители се истакнува дека собраните податоци покажуваат дека Основните јавни обвинителства Делчево и  Свети Николе ќе останат без ниту еден јавен обвинител, Основните јавни обвинителства Радовиш, Ресен, Дебар и Беровои Гевгелија ќе имаат само по еден јавен обвинител, а Основното јавно обвинителство Крива Паланка веќе подолго време е без јавен обвинител. Најголем број од Основните јавни обвинителства, како и Вишите јавни обвинителства и Јавното обвинителство на Република Македонија ќе имаат значителен недостиг од јавнообвинителски кадар.

– Ваквата состојбата е особено загрижувачка, бидејќи ќе го загрози функционирањето на јавното обвинителство во целина, тоа ќе се рефлектира на ефикасноста на кривичното гонење, на ефикасноста на целокупниот правосуден систем, а со тоа ќе биде загрозена и заштитата на слободата и правата на граѓаните. Приемот во Академијата да се врши за конкретни Основни обвинителства со наведување колку кандидати, за кое Основно јавно обвинителство се потребни, па согласно тоа приемот на кандидатите да се врши со точно назначување кој кандидат за кое обвинителство се обучува, сметат од Советот на јавни обвинители.

Воедно од таму додават дека за ажурно и законито функционирање согласно одредбите од Законот за кривична постапка, потребно е бројот на јавните обвинители да се зголеми, како и да се изменат и отстранат законските решенија кои ја отежнуваат продукцијата на јавнообвинителски кадар во Академијата за судии јавни обвинители.

Меѓу другото, во Стратешкиот план на СЈО има потадоци и за нивнта работа во текот на 2019 година каде се вели дека е постапено по вкупно 171 претставка, што во однос на 2018 година кога биле евидентирани 201 претставки е намалување на обемот на работа за 30 претставки или за 15 отсто. Во текот на 2019  година од редот на кандидатите со завршена Академија за судии и јавни обвинители беа избрани 15 јавни обвинители. Додека во текот на 2020 година од редот на кандидатите со завршена Академија за судии и јавни обвинители се избрани тројца јавни обвинители.