Обвинетиот за нападот на градоначалничката Арсовска не се чувствува виновен, започна доказната постапка
На денешната главна расправа пред Основниот кривичен суд во Скопје, обвинетиот Сулејман Јамалари изјави дека не се чувствува виновен за нападот врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Сулејман Јамалари, поранешен вработен во ЈП „Паркови и зеленило“, е обвинет дека извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Инцидентот се случил на 11 јули 2025, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба.
Според обвинителниот предлог, Јамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал физички и вербално, при што ѝ нанел телесни повреди и изрекол сериозни закани.
-Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја со рака во пределот на лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува, образложи обвинителот Александар Давчевски.
Како што дополни, обвинетиот и се заканувал со погрдни зборови упатени кон неа и нејзиното семејство.
Одбраната потоа предложи изведување низа докази, меѓу кои потврда од МВР – Бит Пазар за настанот, сведоци меѓу кои и полициските службеници присутни на настанот, и Сељајдим Љачи, лице првично осомничено во истата постапка, како и испитување на вешти лица.
-Предлагаме да биде изведен доказот потврда од МВР на РСМ Бит Пазар за настанот на 11.7.2025 за кој настан било приведено лицето Сулејман Јамалари, сега обвинет, кој што, исто така, се здобил со телесни повреди, но по наша информација имаме сознанија дека за обвинетиот во својство на оштетен е поведена прекршочна постапка за физички напади, а за сега оштетената е покрената постапка за кривично дело насилство, рече адвокатката Иванка Јакимовска.
Адвокатката Јакимовска побара судот по службен пат да го обезбеди потребниот документ од МВР, за кој одбраната досега немала одговор.
Исто така, побара материјалните докази поднесени од оштетената, меѓу кои фотографии и видеозаписи, да не бидат прифатени, сметајќи дека не се прибавени на законит начин.
Судијка во постапката е Билјана Коцевска.
МИА
Ново на Сител
-
ЦУК: Пожар од поголеми размери избувна кај Октиси, авион на ДЗС на пат кон локацијата
-
Полицаец во Кичево физички нападнал повикано лице во полициска станица
-
21-годишна албанка излетала од патот со автомобил близу Битола, тешко повредени сопатниците
-
Кипар под црвен метео аларм: Температури до 45 степени, забрана за работа на отворено
-
Тешко повреден параглајдерист во Крушево се пренесува со полициски хеликоптер во Скопје
-
Кривична против 14-годишник од Куманово, извршил шест тешки кражби во приватни имоти
-
Жена од Гостивар физички го нападнала своето 4-годишно дете
-
Дмитриев: За постигнување мир во светот мораме да ги исправие грешките на Бајден