Обвинение против три лица за дивите депонии во Вардариште
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Согласно обезбедените докази, тие од 2020 година вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без да регистрираат правно лице и без дозвола за управување со отпад, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште каде на 9 јули годинава настана неконтролиран пожар.
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, од ОЈО Скопје информираат дека се издадени повеќе наредби со цел откривање и на други сторители на кривични дела.
Тројцата обвинети, како што информиаат од Обвинителството, на улица „Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.
-Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Против тројцата е поднесен Обвинителен акт за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик, а Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари.
Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
-На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
За настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, од Обвинителство посочуваат дека ја следат состојбата и доколку обвинителството утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.
МИА
Ново на Сител
-
Министерство за здравство: Ја следиме состојбата со пожарот во Трубарево, во координација сме со сите надлежни институции
-
КМФМ се оградува од настанот кој ќе се одржи во Јане Сандански: Шоу настан на кој наши членови нема да земат учество
-
Кикбоксерите со своите светски медалисти повторно на сопствен трошок отпатуваа на Европското јуниорско првенство
-
Пожар во фабрика во Трубарево, го гасат повеќе екипи, пожарникарите интервенирале и во Лисиче
-
Зидан постигна договор со Француската фудбалска федерација
-
Уапсено 40-годишно лице од Куманово, возело со 1,57 промили алкохол во крвта
-
Уапсен кумановец, возел со 2,66 промили алкохол во крвта
-
Принцот Хари ја посети Украина: „Не можеме да го запреме војната, но можеме да помогнеме“