Македонија
5. August 2024 - 16:33

Обезбедувачот на Гаши доби кривична пријава и ќе биде избркан од работа

Кривична пријава за шефот на обезбедувањето на спикерот Гаши и дисциплински постапки за неговите двајца колеги со кои влетале во ВИП делот на Аеродромот во Скопје во одбрана на косовската претседателка Вјоса Османи.

Обезбедувачот на Гаши пред ВИП салонот пристигнал со возило со ротации. Излегол од возилото, го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот. Почнал да вика по полицаецот од Аеродромот, го турнал со двете раце па почнал да му се заканува.

Потоа со двајцата колеги влегол во салонот и се движел во простории каде немал овластување за движење и престој. На полицајците им се заканувал по живот и барал лично да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

Поради ова шерифско однесување сега ќе одговара за две кривични дела – „Загрозување на сигурноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Според Кривичниот законик, за двете дела предвидена е казна затвор од три месеци до три години. Или „пластично“ – обезбедувачот на Гаши зад решетки може да помине меѓу 6 месеци и 6 години.

Инцидентот со косовската претседателка на Меѓународниот аеродром беше главна тема на денешната официјална посета на косовскиот премиер Албин Курти. Иако нашиот премиер,  Мицкоски речиси цело воведно обраќање го посвети токму на инцидентот, Курти не кажа ниту збор.

Според Мицкоски, службениците од Аеродромот ги следеле меѓународно пропишаните процедури и стандарди. Истрагата ќе се води во два дела. Првиот дел на тоа што се случувало пред да пристигне обезбедувањето на Гаши, а вториот за тоа што се случувало откако пристигнале тројцата полициски службеници. Меѓутоа, Мицкоски не одговори дали ќе има политичка одговорност за претседателот на Собранието по чија наредба постапувало неговото обезбедување.

Премиерот обзнани дека ова не е прв ваков инцидент. Два слични имало и на 16 септември и 9 октомври минатата година. Но рече дека не може да даде повеќе детали за нив. Рече, извештајот за нив ќе влезе во извештајот за инцидентот со Вјоса Османи и тогаш МВР ќе објави што точно се случувало.

-Се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови. И дека на ваков тип на процедури сум подложен јас како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот. Претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани на Косово. И лично следниот, доколку ја добијам навремено информацијата, ќе ми биде задоволство да бидам и да ја пречекам како домаќин на аеродромот и заедно со мене, додека не отпатува од Скопје бидеме заеднички, и ја придружувам во времето кое таа ќе го помине на скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти. А посебно, однесување на поединци коешто е наш домашен проблем, кој дома ќе си го решаваме, рече Мицкоски.

Курти ќе го чека официјалниот извештај за тоа што точно се случувало на 1 август. Но уверува, вакви инциденти нема да се случат во иднина.

-Унаказените однесување и прекршувањето на правилата, сето ова што се искажани досега ќе се расветлат од официјалниот извештај по соодветната истрага. Согласно моите информации и гледајќи ги ставовите на двете Министерства за надворешни работи, сум оптимист за иднината дека нема да се повторат ваквите ситуации, рече Курти.

И екстрадицијата на лица барани со меѓународни потерници беше една од темите на посетата на Курти. Приштина настојува Македонија да не го екстрадира Блерим Рамадани кој Србија го бара преку Интерпол за воени злосторства. Скопје, пак, очекува Косово да ги екстрадира пребеганите од случајот „Монструм“ за петкраткото убиство на 12 април 2012 година кај Смилковското езеро.

-Ова беше сериозна, отворена и искрена средба затоа што одржливите односи се градат само на овој начин. Дискусијата ќе ја продолжат нашите двајца министри за правда при што јас сум оптимист за иднината. Не е прв случај што ни се случува. Имаше вакви и во минатото и верувам дека пресудите на судовите во РСМ од минатото јасно укажуваат на патот по кој ќе се движиме во иднина, рече Курти.

-Министрите за правда ќе продолжат да соработуваат не само за овој случај, туку и за случајот „Монструм“ исто така и очекуваме, како што кажав на самиот почеток, добрососедските односи само да одат во позитивен правец, а не да уназадуваме. Напротив, оваа средба е порака дека сакаме да ги зголемува и подобруваме односите помеѓу двете влади, рече Мицкоски.  

Инцидентот со претседателката Османи предизвика низа реакции и во СКопје и во Приштина. МВР денеска за првпат потврди дека на скопскиот аеродром бил изваден пиштол за да ѝ се направи простор на Османи да отпатува кон Љубљана.

Двајцата премиери уверуваат дека билатералните односи меѓу Македонија и Косово само ќе се подобруваат, особено во економскиот дел бидејќи трговската размена лани била околу половина милијарда евра.