Нуредини: Ќе бараме од Влада зголемување од пет проценти на минималната кота на Тиквешко Езеро
Ќе бараме од Влада зголемување од пет проценти на минималната кота на Тиквешко Езеро. Во меѓувреме ќе соработуваме со сите засегнати страни. Се надевам дека ќе најдеме решение за подобра состојба со езерото, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во Кавадарци, по средбата со претставници на иницијативата за спас на Тиквешко Езеро.
Тој додаде дека сите сме свесни дека кога била изградена ХЕЦ „Тиквеш”, како и другите хидроцентрали, биле за производство на струја.
– Во меѓувреме работите се менуваат. Сега има активности во земјоделството, туризмот. Не се исти приоритетите од пред 60 години и денес, нагласи министерот.
Претставници од иницијативата за спас на Тиквешкото Езеро, побараа порационално да се троши водата од езерото, со цел нивото да биде повисоко, за да не бидат доведени во прашање биодиверзитетот и туризмот. На средбата беше кажано дека целта може да биде постигната, со брзи решенија и законски измени околу тоа, до кое ниво може да се користи водата од Тиквешко.
Директорот на ХЕЦ ,,Тиквеш” Кавадарци, Ѓоко Ташев појасни дека работат според план. Тој информираше дека поради суша, неколку години не се произведувало над планот. Тој соопшти дека се работи според водостопанска основа, со која се утврдува начинот на користење на водата, при што во одреден период од годината, приоритет има наводнувањето. Тој нагласи дека, исто така, се работи според диспечерските центри, за потребите на електроенергетскиот систем на државата.
На средбата, присуствуваа и пратениците Даниела Колева, Зоран Јованчев и Панчо Минов, градоначалникот Митко Јанчев, раководителот на подружницата ,,Тиквеш” на Водостопанство, како и други учесници и комисии, меѓу кои и претседателите на еколошкото друштво ,,Еко-живот” и планинарско спортското друштво ,,Орле”, Роберто Паризов и Никола Минчоров, како и претставници од Движењето на екологисти.
Беше најавен и нов состанок на оваа тема.
Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев рече дека министерот ќе побара од Влада определување на минимална кота на нивото на езерото. Понатаму, да се изработи анализа за понатамошно работење на ХЕЦ ,,Тиквеш”.
-Верувам во овој министер дека транспарентно и објективно ќе си ја заврши неговата надлежност и дека будно ќе ја алармира Владата во делот на животната средина, нагласи Јанчев.
Ново на Сител
-
Физичка пресметка меѓу две лица пред казино на Бит Пазар
-
Маж од штипско со остар предмет ги нападнал својата сопруга и нејзините мајка, татко и брат
-
Поради екстремната жештина во Португалија за една недела умреа речиси 300 лица
-
Жена обвинета откако мало дете е пронајдено во куфер во Нов Зеланд
-
Сообраќајка на магистралниот пат Гостивар - Кичево, учествувале еден мотоцикл и три автомобили
-
Мицкоски: Ќе има мерки за училишната кошничка, се анализираат модели за цените во маркетите
-
Отстранети 74 непрописно паркирани возила во Центар за седум дена
-
ЦУК: Активни два пожари, под контрола еден, еден изгаснат