Новогодишните куќарки пристигнаа на плоштадот, Арсовска пак крие кој и за колку пари ќе украсува
Пристигнаа новогодишните куќарки на плоштадот Македонија. Поставени се веднаш до фонтаната за која беа платени два и пол милиони евра, а со години е оставена да пропаѓа и е оградена со ленти и жардиниери. Дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека се доцни со китењето, дел пак порачаа прво да се реши хаосот со превозот, па после да се мисли на новогодишни украси.
Кој ќе го украсува градот и колку пари ќе бидат потребни за тоа, засега не се знае. Сител уште утрово испрати прашања до кабинетот на Арсовска, но одговори не добивме.
На страната на Бирото за јавни набавки Градот Скопје нема склучен договор за украсување. Градот има објавено само јавен повик за организирање новогодишен базар, но тука не е вклучено украсувањето.
Тендер не беше распишан ниту лани, а Арсовска никогаш не кажа која фирма китеше. Рече дека се потрошени 30 илјади евра, но јавноста не го виде договорот и се уште е нејасно дали тоа е вистинската сума и дали парите се исплатени или не.
За овој случај предмет оформи финансиската полиција. Оттаму за Сител велат дека еден одговор од Градот Скопје кој е од големо значење за предистражната постапка, а бил побаран од крајот на септември, го добиле дури вчера, па ќе се изврши дополнителна анализа на целокупната документацијата.
„Од страна на Управата за финансиска полиција, обезбедена е и деловната документација од операторот кој го организирал новогодишниот базар. Документацијата е детално анализирана и се споредува со условите и критериумите кои биле барани во јавниот повик објавен од страна на Град Скопје, но поради тајноста на предистражната постапка во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали за истото. За исходот од целокупното постапување, со соодветен поднесок ќе биде известено надлежното јавно обвинителство“
Кога стана градоначалничка, Арсовска вети дека повеќе немало да се даваат пари на приватни фирми за изнајмување украси, туку Градот ќе набави свои. Но, тоа не се случи.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар