Нови оптимистички најави од Брисел за одлука за почеток на преговори во јуни
Од Брисел стигнаа нови оптимистички најави дека Северна Македонија во јуни ќе добие одлука за почеток на преговори со Европската Унија, а оти до крајот на годинава да бидат отворени и првите поглавја.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, покрај очекувањето дека земјава ќе добие одлука за почеток на преговори со Унијата, на Виенскиот економски форум „Нови перспективи за Република Северна Македонија“, рече дека земјава е единствената во Западен Балкан која нема спорови со соседите и е политички најстабилна во регионот.
Нагласи дека Северна Македонија е позитивен пример како можат да се решаваат проблемите и охрабрување за надминување и на другите спорови особено меѓу Белград и Приштина.
Уверување дека Европската комисија во Извештајот ќе препорача отворање преговори, изрази и евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар.
– Таквата одлука очекуваме да се случи во јуни и се надеваме дека токму тоа ќе се случи. Сметам дека земјата во измината година навистина ја покажа својата посветеност на Европската Унија и на реформите. Се донесоа некои важни одлуки и опозицијата и Владата работат на многу важни закони и сметам дека имате со што да се пофалите и се надевам, исто така, дека ќе бидете пример во регионот за земја која е посветена на реформи, рече вчера Жбогар.
И премиерот Заев, кој учествуваше на Виенскиот економски форум, е оптимист дека Европската комисија ќе донесе одлука за почеток на преговори. Тој во Виена оствари средба со еврокомесарот Хан.
– На билатералната средба со комесарот Хан, разговаравме за очекувањата ова лето, јуни – јули, за конечната одлука на Европската Унија што треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите, рече Заев.
Премиерот истакна дека е оптимист, и оти треба да се почекаат да завршат евроизборите, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија.
– Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, нагласи Заев.
Премиерот Заев на средбата со Хан, подвлече дека отпочнувањето преговори за влез во ЕУ е единствената гаранција дека земјата и натаму ќе биде стабилна, дека ќе води инклузивна политика и дека ќе продолжат реформските процеси во Северна Македонија.
Ново на Сител
-
Негативен природен прираст и во второто тримесечје, 1.135 помалку родени од умрени
-
Одложувањето на носењето на законот за климатска акција негативно влијае во институционалната координација за справување со климатските промени
-
РФМ: Горди сме што Македонија е домаќин на првото издание на Ракометен регионален турнир
-
Пет војни за кои експертите велат дека би можеле да избувнат во следните пет години
-
Почнува Европското првенство во кошарка 2025
-
СВР - Велес со детали за убиството во Кавадарци
-
Задржани четири лица во врска со убиството во Кавадарци
-
Од денеска стапува на сила одлуката на Трамп за двојно зголемување на царините за индискиот извоз