Македонија
27. August 2025 - 12:19

Родителите на децата Македонци при упис во училиште, не ја почитуваат реонизацијата

Родителите на децата Македонци не ја почитуваат реонизацијата, тврди директорот на училиштето „Гоце Делчев“, сместено во градско подрачје во Штип, каде доминантно живее ромско население. Од запишани 54 првачиња, само 24 се македонски ученици, а останатите деца се од ромска националност. Иако со Законот за основно образование беше предвидено да се надмине оваа проблематика, во пракса не дава резултати, а родителите на секој начин се обидуваат да го изиграат законското решение.

- Покрај извршената нова реонизација, состојбата не е променета во ОУ „Гоце Делчев“ од едноставна причина што родителите изнајдоа нов мудул на запишување на своите деца во други училишта. Имено, си ги менуваат адресите, а оние кои не успеаја да си ги сменат адресите на живеење, само со нотарски договор потпишан кај нотар, без плаќање наемнина, дека изнјмуваат стан во друг реон и ги запишуваат учениците во другите училишта, изјави Зоран Митев, директор на ООУ „Гоце Делчев“-Штип

Со стартот на учебната година Митев тврди дека ќе има ново одлевање на учениците.

- Прописно ќе имаме формирано 3 паралелки, меѓутоа, имаме само 24 македонски ученици, еден денеска се испиша, уште еден ќе се испише, а кога ќе ги формираме паралелките верувам дека ќе имаме постапка на испишување и на останати ученици, додаде Митев

Митев најави дека со почетокот на учебната година ќе побара од надлежните да ги проверат адресите на живеење на родителите и учениците. Овој проблем се провлекува со години и покрај сите напори за негово надминување, досега не е пронајдено трајно решение.