Македонија
19. October 2020 - 16:54

Нови мерки на утрешната владина седница, претходните влегуваат во собраниска процедура

Еден пакет рестриктивни мерки за борба против коронавирусот ќе ја чека утрешната владина седница. Претходниот сет предложен уште пред две недели од Комисијата за заразни болести е на амин пред пратениците кои треба да ги изгласаат законските измени. Економските субјекти да работат до 23 часот, забрана за секакви настани, ограничување на капацитетот во јавниот превоз, носењето заштитна маска на отворено, забрана за групирања после 22 часот и не повеќе од четворица гости дома засега се само на хартија. Во земјата нема ригорозни рестрикции какви што верќе презедоа голем број европски земји. И додека чекаме одлуки кои според министерот Филипче треба да дадат резултат, тој ги предупреди граѓаните дека ако не се дисциплинирани следниот чекор ќе биде ригорозен.  

- Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили сите, да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето ова, заради тоа што ова е начинот на којшто ќе треба да се функционира, во периодот што е пред нас доаѓаат уште поладни есенски и зимски месеци“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче денеска најави и дополнување на последниот пакет мерки со работење во две смени или пак од дома во јавната администрација, судовите и локалната самоуправа. И додека здравствените власти се оптимисти дека предложените рестрикции се доволни овој период, во соседството преземаат многу поригорозни мерки иако процентуално имаат помалку заразени од Македонија.

-Секако, ние ги следиме искуствата, но во најголем број сегде е мерка за ограничување на групирања, носење на маски, вели Филипче.

И додека ги чекаме мерките, состојбата во државата е загрижувачка. Само за два дена има повеќе од 1000 новозаразени и 13 смртни случаи, а како што информира Филипче, исполнети се капацитетите на инфективните одделенија во Струмица, Куманово, Штип, Прилеп а се полни и болницата во Гостивар.