Македонија
7. September 2016 - 13:07

Нови детали - Пронајдени делови од урнатиот авион, мобилни телефони и пасош

Крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефона, карти за патување и една италијанска патна исправа, пронашле досега надлежните институции кои вршат увид на местото кај велешкото село Кожле каде што вчера попладне се урна приватен авион „Пајпер“, при што загинаа сите шест патници.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во координација со другите надлежни институции се преземаат мерки и активности за утврдување на сите поединости за авионската несреќа.

По преземените првични дејствија на терен стручната екипа формирана во текот на ноќта изутрината во шест часот се упатила кон местото на незгодата со цел продолжување на активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење на увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување докази на причините за авионската незгода и смрта на патниците.

Поради лошите теренски услови екипите пристигнале на терен во 10 часот и во 10:30 часот е започнато со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.

Екипата на терен е составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС.

МВР во соопштението ги претставува активностите од моментот кога било јавено за несреќата. Како што наведува, вчера во 17:36 часот дежурен полициски службеник од РЦ за ГР „Север“ во Единицата за известување и команда при СВР Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патника во него.  Според првичните информации од Контролата на летање, се вели во соопштението, известено е дека авионот бил приватен од типот „ПАЈПЕР ПА 34“ со германски регистарски ознаки и оти полетал од Тревизо Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво. 

Околу 18:45 часот, додаваат од Министерството, телефонски од СВР-Велес е добиена информација, дека жител од село Кожле, пријавил во СВР Велес, дека во атар на селото општина Петровец-Скопје слушнал експлозија, по што во околу 20 часот полициски службеници од ПО „Петровец“, заедно со мештани од Кожле пронашле остатоци од авионот на место викано „Јеловица“ во атар на селото.

Како што информира МВР, веднаш по известувањето во 18:45 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување. 

По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ е извршено обезбедување на периметарот на местото на настанот, и известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје која излегла на местото на настанот, по што извршено е првично фотографирање, но поради немање услови за вршење увид, согласно насоките од јавниот обвинител е планиран да продолжи во денеска во утринските часови. Исто така по добивање на информацијата известена е и Итната медицинска помош и Единицата за противпожарна заштита од Скопје. Поради непристапноста на теренот и лошите временски услови екипата на Итната медицинска помош пристигнала на местото на незгодата околу еден часот ноќеска, додека екипата на противпожарната единица откако пристигнала во Кожле е вратена назад бидејќи немало потреба од нивна интервенција.

Активности за расветлување на авионската несреќа презема и Јавното обвинителство. - По добиените сознанија, обвинителството во координација со надлежните институции презема мерки за утврдување на местото на несреќата, негово обезбедување и натамошно постапување. Истовремено се прибираат податоци и релевантни факти во насока на утврдување на причините за несреќата, соопшти Јавното обвинителство и најавува дополнително подетални информации.

Според италијанските медиуми, причината за падот на авионот ќе мора да ја утврди експертски тим бидејќи „Пајперот“ нема црна кутија.

Авионот „Пајпер Па 34-200 Т Сенека“ со германски национални ознаки, на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“ заедно со уште три авиони на клубот вчера попладне полетале од Тревизо. Планирале да патуваат во Приштина, а над Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“-Скопје за дополнување гориво.

Како што објавија италијанските медиуми, со авионот управувал 59 годишниот пилот Франческо Монтањер, претседател на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“. Со него биле и потпретседателот на клубот,  62 годишниот Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, одговорен за администрацијата во клубот, и Ангело Калегари, како и Иларија Бертио и Висар Бегај од Косово, кои имале и италијанско државјанство.

- Од Тревизо заминаа четири авиони со 20 патници. Тие требаше да пристигнат во Косово на прославата на првата годишнина на тамошниот аероклуб кој беше основан со поддршка на аероклубот од Тревизо. Она што засега сигурно го знаме е дека трите авиони пристигнале, е еден се урнал најверојатно поради лошите вренески услови, изјави Маурицио Патуели од аероклубот „Тревизо“, пренесуваат италијанските меидуми, според кои авионот ги имал сите дозволи и одобренија за летање.

Временските услови за летот на урнатиот авион, наведуваат медиумите, биле лоши со дожд, ветер и мала видливост. Летови како вчерашниот од Трезвизо до Скопје долг 800 километри не се вообичаени за пилотите од аероклубот „Тревизо“, но пилотот Монтањер бил искусен со стотици часови летање. Пилот бил и загинатиот Дарио Бастасин, кој пред десет години имал помал инцидент при слетување во Тревизо, без поголеми последици. Последна трагедија во која бил вклучен авион на „Тревизо“, пишуваат италијанските меидуми, се случила на 17 мај 2001 година во Белуно.