Фрчковски злоупотребил стотици илјади евра буџетски пари
Во стотици илјади евра се пресметува штетата која ја предизвикал екс амбасадорот Фрчковски. Министерот Муцунски вели дека сериозни се индициите за злоупотреби на буџетските средства, но внатрешната постапка во МНР која треба да ги утврди сите делати е се уште во тек. До крајот на годината се очекува министерството да ги има сите потребни информации, а предметот ќе биде предаден на јавните обвинители.
- За поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски имаме сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства. Индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Спроведена е внатрешна постапка во МНР, информациите кои стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
МНР подготви и ново законско решение кое треба да ја професионализира дипломатијата. Една половина од именуваните амбасадори ќе бидат од редот на професионалните дипломати од министерството, нивниот мандат ќе се зголеми од сегашните 3 на 4 години, ќе се зголемат платите и трошоците за живот и ќе се спречи можноста шефот на државата да ги потпишува указите без да поминат соодветните процедури во Собранието.
- Со предложените измени е опфатена и ситуацијата која во изминатиот период предизвика полемики околу спроведувањето на процесот на именување амбасадори и улогата на Собранието во тој процес. Тогаш бевме сведоци кога законот во повеќе наврати беше прекршуван, при што спротивно на него беа упатени повеќе амбасадори. Измените на законот го допрецизираат законското решение во делот на учеството на Собранието. Во иднина, по усвојување на овој закон, ќе се отфрли можноста претседателот на државата да го потпише указот без да биде испочитувана соодветната процедура во Собранието, информираше министерот.
Законот ќе се носи во транспарентна и редовна постапка во законодавниот дом. Во однос на амбсадорските места кои се испразнуваат до крајот на годината, меѓу кои и она во НАТО, министерот Муцуснки вели дека во тек се простапките за именување на нови лица, а во меѓувреме амбасадите ќе ги водат вршители на должност.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар