Свет
7. November 2021 - 15:38

Нов Зеланд од денеска ја легализира евтаназијата

Од денеска во Нов Зеланд евтаназијата е легална, една година откако 65 отсто од гласачите се изјаснија позитивно за Законот за легализирање на умирањето со туѓа помош.

Во октомври 2020 година, две третини од граѓаните кои излегоа на гласање без „за“ за закон што на смртно болните лица им дозволува да бараат асистирана смрт.
Секое неизлечиво болно лице со помалку од шест месеци живот ќе може да побара евтаназија. Лекарите мора да се погрижат пациентот да е добро информиран и дека се исполнети сите други законски критериуми.

Партијата ACT, која го поднесе предлог-законот до парламентот, соопшти дека законот дозволува избор, контрола и милост за оние кои страдаат.

-Од денеска имаме похумано и помилосрдно општество, рече потпретседателот на партијата Брук ван Велден.

Но, критичарите на законот стравуваат дека асистираното умирање може да се злоупотреби за да се намалат трошоците за здравствена заштита и дополнително да се влоши прашањето за дискриминација на Маорите и другите заедници на Пацификот.

Министерството за здравство проценува дека секоја година до 950 луѓе би можеле да побараат евтаназија и дека на 350 од нив би можеле да им бидат одобрени барањата.