Нов тип стипендија на МОН за студенти запишани на математика, физика или хемија
Министерството за образование и наука оваа година воведе нова категорија стипендии во износ од 18.000 денари за студентите запишани на додипломски студии по математика, хемија или физика. За 2016/2017 планирани се 105 стипендии (70 за припадници на македонската заедница и 35 за немнозинските заедници во Македонија) кои постигнале просечен успех од најмалку 7 од прва до тековно запишаната студиска година.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека овие стипендии ќе бидат доделени првпат и ќе имаат највисок износ за да се поттикне интересот за овие студиски програми за кои кадарот станува дефицитарен.
- Во Конкурсот се објавени 2.890 стипендии кои се движат од 3.000 до 18.000 денари. Постојат различни типови стипендии - шест категории се веќе вообичаени и се стипендии што ги доделуваме секоја година. Седмата категорија стипендии, која се воведува оваа година, се однесува на исклучително дефицитарните области физика, хемија и математика и студентите кои ќе се запишат на една од овие три катедри ќе добиваат месечно по 18.000 денари. Веќе сме во прилично сериозна ситуација, посебно за Катедрата по физика каде подолг период имаме многу мал број студенти, и затоа се одлучивме за овој посебен тип стипендија. Верувам дека со помош на оваа стимулација ќе се зголеми интересот за упис на една од овие три катедри, изјави Ристовски по посетата на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Новата категорија стипендии е во објавениот Конкурс за доделување стипендии за редовни студенти од јавните и од приватните универзитети за 2016/2017, заедно со останатите категории стипендии кои МОН ги доделува секоја година.
Според Конкурсот, МОН ќе додели и 1.500 стипендии за студенти од социјални категории; 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето (најмалку 8.50 просечен успех за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки и најмалку 9.00 просечен успех за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите); 125 стипендии за студенти запишани на студиски програми по информатика со просечен успех најмалку 9.00; 530 стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале најмалку 7.00 просечен успех.
Ристовски апелираше заинтересираните студенти да аплицираат за некоја од видовите стипендии зашто електронското пријавување е во тек и трае од 31 октомври до 13 ноември. Потоа кандидатите треба да достават документи и во јануари се очекува МОН да ја објави листата на корисници на стипендии во оваа академска година.
Ново на Сител
-
Пронајдена дрога во Скопје, приведени повеќе лица
-
Мицкоски: Не знам дали е можен исчекор во евроинтеграциите до крајот на годината, но ќе сториме се да најдеме решение
-
Повеќе договорени, а помалку извршени градежни работи во странство
-
Претседателката Сиљановска Давкова формираше Совет за млади
-
Две нови инвестиции до крајот на месецот и 500 нови работни места, најави Мицкоски
-
На италијанскиот бизнисмен Бечети исплатени 110 милиони евра, најголема отштета што Албанија платила досега
-
Полицијата расчисти два напада со нож во Скопје во кои беа повредени двајца малолетници
-
Намален откупот и продажбата на земјоделски производи