Бизнис
3. April 2019 - 10:19

Нов циклус на грантови за земјоделците во Струмичко и Радовишко од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка

Нови 250 илјади евра во грантови ќе бидат доделени на 50 земјоделци од Струмичкиот и Радовишкиот Регион како поддршка во воведување модерни агро-еколошки мерки во производството на овошје и зеленчук.

Овој циклус на грантови, трет по ред во регионот, го најавија регионалната директорка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за Европа и Централна Азија, Мирјана Шполјариќ Егер и швајцарската амбасадорка во земјата, Сибил Техада при посетата на Струмичкиот Регион.

– Овде, во сливот на реката Струмица, ги поставивме основите за една долгорочна трансформација на начинот на кој се користат водните ресурси, а модерните мерки во земјоделското производство кои се користат во Европската Унија и во Швајцарија ги претвораме во реалност, изјави швајцарската амбасадорка Техада.

Застарените методи на производство се покажаа како неодржливи како од аспект на квалитетот на производите и приносот, така од аспект на одржувањето природната рамнотежа на екосистемите.

– Охрабрени од резултатите што се постигнаа во пилот фармите во рамките на претходните циклуси на грант програмата, бројот на производителите кои ги усвојуваат новите методи постојано расте. Прекумерната употреба на агро-хемикалии и нерационалното трошење на вода за наводнување доведоа до нарушување на природниот баланс на речниот слив. Но, на повидок се решенија кои ќе помогнат да се надминат овие предизвици“, рече Мирјана Шполјариќ Егер, регионална директорка на УНДП.

Проектот за управување со сливот на река Струмица го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиската поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од околу три милиони швајцарски франци. Целта е подобрување на квалитетот на животната средина и управувањето со водните ресурси преку намалување на притисоците од различно потекло и ублажување на ризикот од поплавите.

Регионалната директорка на УНДП и амбасадорката на Швајцарија, заедно со постојаната претставничка на УНДП во земјата, Нарине Сахакијан, ги посетија Терапевтската заедница „Покров“ во Струмица и Винаријата „Далвина“.