Македонија
22. April 2025 - 19:54

Нотарка дискриминирала слепо лице: „Ти си неписмен откаде знаеш што потпишуваш“

Вознемирување и директна дискриминација од нотарка кон слепо лице, но и дискриминација од Министерството за правда кон целата популација слепи, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата споила две пријави во еден предмет. Едниот се однесува на конкретен пример, каде нотарка, според тврдењата на лицето, недолично се однесувала кон него поради неговата попреченост.

Тој на нотар отишол со придружба на неговата сестра, но таа прво не му се обратила нему, туку и зборувала на сестра му, па кога и било посочено да му се обрати нему, таа рекла:

„Како да му зборувам нему, тој ниту ме гледа, ниту ме слуша“.

Лицето само ја составило изјавата, побарал да му ја завери и да ја плати, но таа му дала бел лист хартија на која побарала да се потпише за да провери дали е писмен.

„Ти си неписмен, откаде знаеш што потпишуваш“ – лицето тврдело дека вака му се обратила нотарката и му рекла дека не ја интересирало што МВР му дозволило да се потпише на личната карта, наместо тоа да го направи со отпечаток од прст, како неписмен човек.

Побарала од него да доведе и двајца сведоци пред да го завери нотарскиот акт. Поради тоа, услугата го чинела многу поскапо отколку што за истата услуга би платило лице без попреченост.

-Согласно неговто тврдење и доказот (фискална сметка) во потврда на тврдењето, нотарската услуга (судска такса – 50 денари, нотарска награда – 600 денари и трошоци – 60 денари) го чинела 710 денари. Доколку за истата работа, односно нотарска услуга пристапело лице без попреченост, би го чинело 150 денари. Оттука се согледува разликата во финансискиот товар за лице со и без попреченост, кој процентуално изнесува 78,87%. Дополнително, треба да се земе предвид фактот дека огромен процент од лицата со попреченост се невработени, па ваквиот финансиски товар ги погодува непропорционално или многу повеќе отколку вработено лице без попреченост.

Токму непропроционалната наплата на нотарските услуги била и втората пријава која пристигнала од Здружение на слепи лица. Слепите лица се жалеле дека се принудени од малиот круг на луѓе кои ги познаваат да најдат по двајца сведоци за на нотар, и тоа автоматски значи и поголеми трошоци.

Нотарската комора на овие забелешки одговорила дека нотарите мора да работат како што пишува во Законот за лицата со попреченост. Министерството за правда, пак, одговорило дека барањето на сведоци е токму поради обезбедување на правна сигурност.

Комисијата му препорача на Министерството за правда во рок од 6 месеци да подготви и предложи до Владата измени на Законот за нотаријат со кои ќе се отстрани дискриминацијата и ќе им овозможи на слепите лица еднаков пристап до нотарските услуги. Исто така, Комисијата препорача и измени на тарифникот со кои ќе овозможи иста висина на трошоците пред нотар за лицата со попреченост, како на тие на лицата без попреченост.