Свет
10. јуни 2016 - 17:23

Норвешка до ноември ја продолжува контролата на границите

Во пресрет на миграциската криза Норвешка одлучи до 11 ноември да го продолжи режимот за контрола на границите со други држави од Шенген зоната, изјави денеска норвешкиот министер за правда и јавна безбедност Андерш Анјундсен. 

На 12 мај Советот на Европската унија одлучи Австрија, Германија, Данска, Шведска и Новешка да ја продолжат за шест месеци пограничната контрола во Шенген зоната. Норвешка не е членка на ЕУ, но е дел од Шенген зоната.

Норвешкиот министер изрази задоволство од разбирањето од страна на ЕУ за неопходноста да се продолжи пограничната контрола. 

- Границите на Шенген зоната се уште не се доволно добро заштитени и тоа внесува многу недефинирани фактори во ситуацијата во Европа. Потребно е да ги контролираме границите се додека не пронајдеме заедничко решение за Европа, рече тој. 

Минатата година барања за азил во Норвешка поднеле 31 илјада лица, а претходните неколку години имало околу десет илјади барања годишно.