Македонија
4. February 2020 - 13:01

Николоски: Корупцијата во Македонија зема меѓународни размери

Во рамките на Политичкото Собрание на Европската Народна Партија во овие два дена информираме за криминалот и корупцијата која што за жал се случуваат во Македонија. Истите достигнаа меѓународни размери, така поранешниот премиер Заев во друштво со поранешниот премиер на Малта, Мускат и премиерот на Албанија, Еди Рама решиле да ги приватизираат за без пари здравствените системи во Македонија, во Албанија и во Малта. Врвен корупциски скандал каде што е вклучен сомнителен бизнисмен од Либија за кој што се верува дека работи со сомнителни пари. Тоа е нешто за што се заинтерсира и Европа и тука во Брисел прашуваат за повеќе информации и повеќе детали со цел да може да се покрене и една поширока истрага околу целата оваа работа.

Тоа само покажува колку Македонија тоне во криминал и корупција, колку СДСМ и Заев ја уништија Македонија. На тоа ќе ставиме крај.

Ги информиравме нашите пријатели од Европската Народна Партија за програмата која што ВМРО-ДПМНЕ ја спрема за следните парламентарни избори кои што ќе се одржат на 12 Април, иако Заев сака да избега од нив, ги информиравме за обидот да избега од истите затоа што е свесен дека ќе биде сериозно поразен и ги информиравме за двата главни столба на таа програма, а тоа е економски напредок и воведување на функционален систем на владеење на правото.

Во едно партнерство помеѓу Европската Народна Партија, најсилната партија во Европа и ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе добие датум за почеток на преговори во оваа 2020 година. Ова нема да е изгубена година за Македонија и во едно силно темпо на реформи ќе успееме да го надокнадиме ова време кое што го изгубивме со Зоран Заев.

Со нашите партнери ќе продолжиме да дискутираме, сакаме да ги чуеме и нивните мислење околу позитивни искуства кои што можеме да ги имплементираме во Македонија во сите сектори особено во образованието, во здравството, во социјалата и во земјоделието каде што Европската Унија е најсилна.