Балкан
1. May 2024 - 12:56

Стејт Департмент: Разочарани сме што две санкционирани лица ќе бидат министри во Владата на Србија

По соопштувањето на составот на новата српска Влада реагираше Стејт департментот на САД дека се „разочарани што гледаат две санкционирани лица предложени за функции во новата влада“, јави дописникот на МИА од Белград.

Според најавите од мандатарот Милош Вучевиќ, во новата Влада на Србија ќе има и двајца членови кои се под санкции на САД- Александар Вулин, кој е предложен за вицепремиер и Ненад Поповиќ, кој е предложен за министер без ресор.

-Нашиот став за господинот Вулин е добро познат. Тој останува под санкции на САД, се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка, во кое се додава дека САД не играат никаква улога во кадровските решенија на српската влада.

Мандатарот за состав на новата Влада на Србија и претседателот на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ го именуваше Александар Вулин, еден од најконтроверзните актери на српската политичка сцена, кој се смета за лице со силни руски врски и кој од 11 јули минатата година е на листата на санкции на Министерството за финансии на САД за „коруптивни и дестабилизирачки акти“, заради унапредување на сопствени политички агенди и лични интереси, на штета на мирот и стабилноста на Западен Балкан.

-Тие коруптивни зделки го олеснуваат ширењето на руските злонамерни активности во Србија и во регионот, се наведува во соопштението на Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) кога санкциите беа воведени во јули 2023 година.

Во ноември 2023 година, американскиот Стејт департмент воведе санкции и против Ненад Поповиќ, поранешен министер без ресор во Владата на Србија, и компаниите поврзани со него.

-Поповиќ одржува блиски врски со Кремљ и ја користи својата мрежа за коруптивни шеми за лично да се збогати, наведе во соопштението портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Поповиќ е поранешен потпретседател на Народното собрание на Република Србија и претседател на парламентарната група за пријателство со Руската Федерација. Тој е поранешен потпретседател на Демократската партија на Србија (ДСС).

-Од 1990-тите, Поповиќ ги користи своите деловни зделки во Русија за да се збогати и да стекне блиски врски со високи лидери на Кремљ. Поповиќ продолжи да ги користи своите врски со Кремљ за да обезбеди бизнис за неговите холдинг компании, од кои повеќето работат во консултантскиот сектор, за недвижности и електроника за руската економија, за да го изгради своето лично богатство преку проневера и даночни шеми. Стејт департментот го означи Ненад Поповиќ како некој кој работи за електронскиот сектор на Руската Федерација. Главните холдинзи на Поповиќ со седиште во Русија ги вклучуваат „Asset Electro LLC“ и „Asset Automation LLC“. „Mosen Asset Management LLC“ управува со секојдневното работење на холдинзите на Поповиќ во Русија, соопштија американските власти.