Незаконско посвојување на дете за 5.000 евра: Мајката со потпис на нотар го предала старателството
Пет лица се под истрага за трговија со дете. ОЈО ГОКК отвори постапка за случајот со посвојување на бебе преку нотар за сума од 5000 евра. Родилка од Куманово, мајка на 7 деца преку посредници била запознаена со брачен пар, кои сакале незаконски да го посвојат нејзиното новороденче.
Во случајот посреднички биле две жени од кои едната евидентирана како згрижувач на деца. Се до запознавање на родилката со брачниот пар, и помагале во неколку наврати со околу 250 евра и ја следеле нејзината бременост. Мајката се согласила за 4000 евра да го даде своето новороденче на брачниот пар но брзо откако потпишала изјава се предомислила.
„По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, првосомничениот ја одбил нудејќи ѝ уште 1000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него“, велат од обвинителството.
По барање на обвинителството, првоосомничениот кој бил заверен на нотар како татко на бебето и родилката добија ефективен притвор. На останатите три лица им е определена мерка куќен притвор.
Станува збор за родилка од ромската заедница која била во тешка финансиска состојба и со повеќе деца. Според директорот на Меѓаши, веројатно се работи за злоупотреба на родилката која била доведена во заблуда искористувајќи ја нејзината тешка состојба. Отсуствува строгиот надзор на остварување на родителско право но и начинот на кој е оттуѓено тоа дете.
Центарот за социјални работи мора да има увид во состојбите на ваквите ранливи категории на граѓани и семејства со цел да се спречи нивна злоупотреба вели Змијанац.
Во овој случај, нотарот не би требало да направи ваков вид на заверка и требало веднаш да ја извести нотарската комора. Иако нотарите не се обврзани да се занимаваат со содржината на изјавата која ја заверуваат, сепак нотар не може да стави печат на старателство, кое според закон се утврдува по судска постапка.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар