Свет
27. July 2017 - 9:13

Нетанјаху со закани за затворање на дописништвото на Ал Џазира во Ерусалим

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе работи на затворање на ерусалимските канцеларии на Ал Џазира, обвинувајќи ја телевизијата за поттикнување насилство во градот во изминатите денови.

– Мрежата Ал Џазира продолжува да поттикнува насилство околу џамијата Ал Акса, напиша Нетанјаху на Фејсбук. Катарската телевизија не ја коментираше изјавата на Нетанјаху.

– Разговарав неколкупати со правници за барање за затворање на дописништвото на Ал Џазира во Ерусалим. Ако тоа не се случи, ќе работам за судска одлука за протерување на Ал Џазира од Израел, додаде израелскиот премиер.

Ал Џазира е под цензура во соседен Египет откако во 2014 година тројца нивни вработени добија казни затвор од седум години и подоцна беше затворено дописништвото.