Македонија
2. јуни 2020 - 17:03

Непознат извор на зараза кај една третина од болните

Неколку брачни парови и поединци во главниот град се позитивни на Ковид-19, но незнаат од кого и каде ја добиле заразата. Изминатите денови во скопскиот Центар за јавно здравје, покрај новодијагностицирани од веќе познатите жаришта на корона, евидентираат и нови случаи кои не се поврзани со кластерите. Лекари велат дека ова може да ја влоши состојбата и се повеќе да расте бројката во здравствената статистика.

-Нормално е да имаме, не може од три фамилии да имаме ваква бројка во Скопје. Па дури и тие фамилии што ги изолиравме и тие не седеа во изолација, вели др. Александар Стојанов, епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Чаир и денеска останува на врвот од скопските општини каде има најмногу новозаболени. Во денешните бројки се и 5 члена од фамилијата на пациентот кој почина во приватна болница а постмортем тестот покажа дека има Ковид-19. Околу 200 лица биле на погреб а на почетокот фамилијата не сакала да соработува со епидемиолозите за правење на анкета и откривање на сомнителните случаи.

Ова е очекувана состојба, мора да се плати цехот за непочитувањето на мерките, не може во автобус да влезете без маска, не може во продавница да одите без заштита, да с есобирате на ифтарски вечери и литии и да очекувате дека ништо нема да се случи, вели Стојанов.

Доктор Стојанов вели дека нивната работа е да ги најдат оние асимптоматски случаи кои можеби ја шират заразата а не се од познатите кластери што ги кажуваат надфлежните. Министерот за здравство вчера изјави дека 70 проценти од новите заразени се од познати кластери, но според експерти прашање е што со останатите.

Анализирајќи ја статистиката што ја објавува ИЈЗ, досега најголем број на заболените или 58, 9 проценти се заразиле од контакт со веќе потврден случај, 4, 2 проценти биле импортирани, а за сите останати над 30 проценти не е познат начинот како заболеле.

И додека надлежните велат дека состојбата со епидемијата е под контрола, вчера Македонија сруши рекорд во регионот, кога за 24 часа беа дијагностицирани двојно повеќе заразени од сите земји заедно, покажува статистиката на Ворлдометерс. Во земјата вчера беа евидентирани 89 лица со Ковид 19 што е петпати повеќе од 18те случаи во Србија која пак по број на жители е далеку поголема од Македонија. Во соседна Грција имаше само 1 случај а Словенија, Хрватска и Црна Гора немаат новозаболени.