Нема напредок во француската позиција за преговори со Северна Македонија
Вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ не донесе напредок во позицијата на Франција за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, велат француски дипломатски извори за МИА.
– Не очекуваме да има поместување најрано до самиот министерски состанок во вторник во Луксембург, ништо не е сменето во однос на минатата недела, одлуката треба да ја донесе претседателот Емануел Макрон, објаснуваат за МИА дипломати присутни на вчерашниот амбасадорски состанок.
Дипломатите не ја потврдуваат информацијата дека Франција „не е оптимист“ за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, како што пренесоа некои француски медиуми.
– Не можеме да потврдиме таква информација бидејќи едноставно Франција за сега нема став, оттука не може да се каже дали е оптимист или не.
Според високи владини извори од земја членка на ЕУ кои биле во контакт со француската влада, „на Макрон не му пречи да биде изолиран по ова прашање во ЕУ“.
Преговорите помеѓу земјите членки на ЕУ сѐ повеќе се фокусирани на одвојување на Албанија и Северна Македонија, посебно по ставот на холандската Влада и условите поставени од страна на Германија. Останува дека низа земји во ЕУ и натаму инсистираат двете земји да одат во пакет, од различни причини.
За некои земји членки проблематично е одвојувањето на Албанија „поради тоа што ќе се создаде перцепција дека се изолираат од преговарачкиот процес земји со мнозинско муслиманско население“, додека други сметаат дека во прашање е регионалната стабилност и стравуваат дека Тирана би „влијаела негативно“ во дијалогот Приштина – Белград ако биде блокирана.
– Иако на некои земји не им се допаѓа одвојувањето, доколку Франција застане зад таа позиција, најверојатно ќе прифатат, подобро една отколку ниедна земја да започне преговори, како и да е сѐ ќе зависи од Макрон, објаснува висок дипломат од земја членка на ЕУ за МИА.
Позицијата на холандската Влада во секој случај ги охрабри поддржувачите на проширувањето, но сѐ уште не е сигурно дека одлука ќе биде донесена во вторник. Зависно од динамиката на разговорите на министерскиот состанок во Луксембург ќе се знае дали е потребно да им се остави крајната одлука на шефовите на држави и влади на Самитот, кој ќе се одржи два дена подоцна во Брисел.
Ново на Сител
-
Скопјанец и двајца штипјани нападнати во угостителски објект во Кавадарци
-
Приведено лице од Долни Дисан поради бегство од затворот во Куманово
-
Димитријевиќ од следната сезона ќе игра во Евролигата
-
Тони Надал: Рафа живеe нормално, а Ѓоковиќ е најдобар во историјата затоа што не живее нормален живот
-
Приведени двајца дилери од Прилеп, пронајдена дрога и пушка
-
СПМ: На 8 мај народот ќе ја определи својата иднина и иднината на државата
-
Едeн загинат во сообраќајка на експресниот пат Штип - Кочани
-
На полноќ настапува молк пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај