Loading Video...
Македонија
13. October 2026 - 21:06

Нема евидентиран излез на Ива Михаилова

МВР распиша меѓународна потерница по Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, која избега од Македонија во Бугарија. Потерницата е објавена и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, но и на социјалните мрежи на институцијата.

Министерот Тошковски, во гостувањето на „Тема на денот“ рече дека се уште се истражува како таа ја минала македонско-бугарската граница, но вели дека засега не знае дали таа границата ја минала нелегално на легален граничен премин, или некаде во зелениот појас меѓу двете држави.  Сепак во неколку наврати повтори дека ниту македонските служби не регистрирале излез, ниту бугарските не регистрирале влез. 

Последен пат кога таа била забележана во Македонија, за што Тошковски тврди дека постојат непобитни докази е саботата – 10-ти октомври. Рече дека се истражува можна инволвираност и на македонски службеници, но и на бугарскиот граѓанин кој се претставува како нејзин адвокат и кој вели дека тој е оној која ја пренел преку границата. Сепак, за него, рече дека последен легален влез и излез во Македонија направил во септември.

-Се истражува секое едно незаконито помагање во рамки на процесот на нелегално пренесување на лице кое е под кривичен прогон во Македонија и кое избегнува да ја видиме правдата на крајот, рече Тошковски.

Но на веб страницата на МВР, освен фотографијата и името на Ива Михаилова, стои и фотографијата и името на нејзиниот татко – Симеон Михаилов. Осуден е во случајот „Детонатор“, но прибежиште од затворска келија најде исто така во соседна Бугарија. Со оглед на тоа што Бугарија е земја-членка на Европската Унија, а државјаните на ЕУ границите можат да ги минуваат само со лична карта, Тошковски вели дека можеби треба да се размисли и за промени во мерките на претпазливост за оние со двојно европско државјанство, па освен пасоши, да им се одземаат и личните карти.

- Се покажало многупати досега дека лиц акои се двојни државјани, особено на земја-членка на ЕУ, којашто ја имаме и во конкретниот случај, а притоа, сакаат да избегаат од лицето на правдата, го прават ова коешто ни се случи и на 11 октомври. Факт е, рече Тошковски. 

Ива Михаилова беше последна од низата проблеми кои се јавија меѓу двете држави. Бугарски медиуми, политичари, па дури и лица кои се на црната листа во Македонија и немаат право да влезат беа дел од рочиштата за сообраќајната несреќа. Таа беше и една од темите на средбата меѓу шефовите на дипломатиите кои договорија бугарски доктори да дојдат во Македонија за да и ги извршат потребните прегледи.