Македонија
28. January 2026 - 16:30

Нема брзо решение за проблемот на камионџиите, блокадите засега остануваат

Новата визна стратегија утре ќе биде објавена во Брисел, пишува „Блиц бизнис“. Со ова Европската Унија за првпат ќе отвори дебата за подолг престој во Шенген, за луѓе кои постојано патуваат меѓу земјите членки. Тука спаѓаат и камионџиите кои ги блокираат товарните гранични премини. Според информациите, има опција лицата да престојуваат подолго од 90 дена во Шенген, но под услов да не се надминат 90 дена во поединечна држава.

Сепак, како што пишува српски „Блиц“, ова не значи дека проблемот е решен. Документот не предвидувал итна промена на регулативата, поради што ќе бидат потребни преговори со Европската Унија. 

Блокадите на камионџиите биле главна тема и на денешната средба меѓу министерот за транспорт Николоски и неговиот хрватски колега Олег Бутковиќ. На состанокот, македонскиот министер побарал поддршка од Владата на Хрватска за да се најде решение на ниво на ЕУ со кое ќе се олесни работењето на македонските и регионални превозници.

- Вицепремиерот Николоски потенцира дека проблемот е суштински и се однесува за транспортниот сектор од целиот регион од Западен Балкан. Во своето излагање тој дополни дека овој проблем има поголем размер кој ги опфаќа и компаниите од ЕУ кои инвестирале во Западен Балкан, а кои се извозно ориентирни кон европските пазари – известија од Министерството за транспорт. 

Николоски веќе разговарал и со неговиот грчки колега, а ќе направи обид да разговара и со Бугарија, иако таму во моментов има техничка влада. 

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Филипче, ја критикува Владата за недоволно дејствување и антиевропска реторика.

- Камионџиите ги блокираат граничните премини, не без причина. Тие имаат реален проблем. Ние знаевме дека 2025 година таква одлука донесе Европската Унија, но се поставува прашањето што Владата направи на тоа поле? Ние ќе бидеме се повеќе и повеќе изолирани со оваа Влада, на маргините на ЕУ – вели Филипче.

Во меѓувреме, на протестот на транспортерите ќе се приклучат и автобуските превозници, ако во следните три дена не се најде решение.

- Позитивни сигнали веќе добивме денеска дека се разгледува можноста за зголемување на деновите поминати на нашите возачи во ЕУ. Будно следиме дали денеска или утре ќе добиеме конечен став од Европската комисија за олабавување едноставно кажано за да можеме да функционираме како што функционираат сите превозници во ЕУ. Само позитивните сигнали што ни дадоа надеж дека овој проблем ќе се реши, ние не значи дека нема да излеземе. Да, ние ќе излеземе и ќе се приклучиме на нашите колеги доколку не се реши во следните 2-3 дена – изјави Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“.

Граничните премини во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина се блокирани трет ден, поттикнати од новиот електронски систем за влез и излез од Европската Унија. Според проценките, дневните загуби на Западен балкан се над 100 милиони евра.