Македонија
26. November 2025 - 16:33

Неколку ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов” хоспитализирани на Детска клиника

Десетици основци прегледани, неколку хоспитализирани на Детска Клиника поради посериозни стомачни симптоми на повраќање и дијареа. Сите се ученици од Димо Хаџи Димов од различни одделенија. Од Клиниката информираат дека од синоќа и во текот на денот постојано доаѓаат нови деца со своите родители и не може да ја кажат точната бројка  на прегледи.

Оние кои веќе се задржани на болничко лекување се поставени на соодветна терапија поради силните болки. 

-Сите беа со јака стомачна блка и интензивно повраќање. Едно од децата повраќаше на секои пола час, денеска веќе неговата состојба е подобрена. Постои сомнеж за евентуална интоксикација за труење со храна или вода поради поврзаните епидемиолошки податоци, вели Реџеп Мемеди, директор на Клиника за Детски болести.

Ова гои вклучи алармот кај инспекциските служби. Утринава инспектори од ДСЗИ, АХВ и ИЈЗ земале мостри од храна, од работни површини, брисеви од вработени како и примероци од водата.

-ДСЗИ согласно надлежностите, ја затвори кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана во кое се посочени активностите кои треба да ги преземе операторот со храна како и мерки за вработените, вели Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.

-На наше инсистирање како Институт, иако не беше предвидено, земавме мостри и од водата. Се уште го чекаме тимот да се врати, да ги разгледаме епидемиолошките анкети и ќе се работи и денес и вечер, вели Марија Андонова директор на ИЈЗ.

До ИЈЗ официјално стигнале само 9 пријави за деца со стомачни потешкотии, но голем број родители помош барале и во приватни здравствени установи.

Која е причината и дали и од што настанало труење што ги вознемири и родителите и децата, како што велат и од Агенцијата за храна и ветеринарство, по завршување на контролите и добивање на резултатите, јавноста ќе биде информирана.