Македонија
18. January 2016 - 13:16

Неготино обезбеди 260 илјади евра за изградба на дел од патот кон село Вешје

Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов го потпиша договорот со Светската банка за обезбедување грант во висина од 260.000 евра кои ќе бидат наменети за изградба на делница од патот Горни Дисан-Вешје во должина од 638 метри, соопштија денеска од службата за информирање при неготинската Локална самоуправа.

- Се работи за пат кој е во најлоша состојба и не ги овозможува ниту минималните стандарди за нормално и безбедно одвивање на сообраќајот, а токму ваквата состојба на овој патен правец ја наметна и потребата од негова итна изградба и асфалтирање, појаснуваат од службата за односи со јавноста при општината.

Потсетија дека веќе извесен период на патот од Горни Дисан до Вешје се одвиваат градежни активности на делница во должина од 800 метри и истата е во фаза на изградба преку ИПАРД  Програмата за рурален развој.

- Една фаза од работите на овој патен правец во должина од 400 метри е предмет на реализација со проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција „Поддршка и развој на економија на пчелни семејства во прекугранична област“. На овој начин, преку трите фази на реализација ќе се добие една функционална целина и изградба и асфалтирање на патот Г.Дисан-Вешје, подвлекуваат меѓу другото од службата. 

Новоизградениот пат ќе овозможи подобро сообраќајно поврзување на населените места во овој дел на општината и подобрување на комуникацијата во регионот, а директни придобивки ќе имаат и голем број семејства од неготинска и соседните општини кои го користат патот за обработка  на сопствените земјоделски површини.