НБРМ: Не се очекуваат директни негативни ефекти врз економијата од случувањата во Турција
Од случувањата во Турција не се очекуваат директни негативни ефекти врз македонската економија, но е мала можноста и за евентуални позначајни негативни преносни ефекти, оценува Народната банка на Република Македонија.
Оттаму посочуваат дека со оглед на релативно ниското учество на извозот кон Турција во вкупниот извоз, не би се очекувале значајни ефекти врз домашните економски движења.
- Анализата на податоците за трговската поврзаност на македонската и турската економија покажува дека во 2016 - 2017 година извозот во Турција во просек сочинувал околу 1,5 процент од вкупниот извоз. Увозот на стоки од Турција е поголем и сочинува околу пет отсто од вкупниот македонски увоз во 2016 - 2017 година. На страна на извозот, преовладуваат железото и челикот и текстилот и облеката, додека од Турција најмногу се увезуваат текстил и облека, опрема и машини, пластични маси, храна и пијалаци. Во првата половина од 2018 година извозот кон Турција е зголемен за 14 отсто, а увозот за 10 отсто споредено со истиот период од претходната година, појаснуваат од НБРМ.
Кај странските инвестиции, од НБРМ, сметаат дека доколку се задржи неповолната состојба во Турција, таа би можела да се одрази на идните капитални приливи од оваа земја. Турските инвестиции учествуваат со 5,3 проценти во вкупната состојба.
Податоците на НБРМ покажуваат дека корпоративниот сектор има нето финансиски долг кон турски резиденти во износ од 0,6 проценти од БДП со состојба март, 2018 година.
За банкарскиот сектор наведуваат дека една банка е во доминантна сопственост на турски акционер, која сепак во најголем дел се финансира на домашниот пазар и не зависи од финансирање од матичната банка.
- Директна изложеност на домашните банки кон турска лира речиси и да не постои, а побарувањата на банкарскиот сектор од нерезиденти од Турција се минимални и изнесуваат 0,1 отсто од вкупната кредитна изложеност. Воедно, кај банката со турски капитал постои и релативно слаба изложеност и кон домашни компании со странски капитал од Турција. Следствено, се оценува висока отпорност на банкарскиот систем на движењата во Турција, се наведува во соопштението.
Не се очекуваат значителни неповолни ефекти и во делот на туризмот, бидејќи, како што појаснуваат, туристичката сезона е во полн ек и аранжманите веројано се веќе направени.
Во последните години има зголемен број туристи од Турција кои во 2017 година бележи раст од 22 проценти во однос на просекот за 2016 година.
Од НБРМ наведуваат дека во услови на оценети слаби директни ефекти, она што е поважно е дали случувањата во Турција ќе имаат преносните ефекти врз европската економија, која е нашиот најзначаен трговски партнер, преку што и ние индиректно би можеле да бидеме погодени.
- Засега, согледувањата на глобалната стручна јавност се дека потресите во турската економија од почетокот на август не би се одразиле значајно врз глобалната економија, која општо земено бележи нагорно движење. Истовремено, се оценува дека турската состојба би имала минорни ефекти врз економијата на ЕУ, со оглед на релативно слабата изложеност на европските компании и банки кон турските партнери. Оттаму, можноста за позначајни преносни ефекти врз македонската економија засега се оценува како лимитирана, иако неопходно е будно следење на состојбите во турската економија, истакнуваат од НБРМ.
Ново на Сител
-
Синдикатите и работодавачите со различни ставови за „недела неработен ден“
-
Тема на денот со Марјан Ристевски, заменик министер за економија и труд
-
Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија, а не се дел од Новогодишната кошница
-
По повод 45 години Пекабеско ќе донира 30.000 евра за најмладите
-
Последни пратенички прашања за годинава
-
Собранието на чекор до разрешување на членови на Судски совет
-
Дали има судир на интерес во одлуката на Антикорупциска за назначувањето на Бојан Христовски во АНБ?
-
Етнички права во правна држава