НАСА: Озонската дупка намалена до минимално ниво
Озонската дупка над Јужниот пол се намалила до рекордно ниво откако била откриена во 80-те години, соопшти НАСА.
Националната аеронаутичка и вселенска агенција јави дека моментално, просечната големина на дупката во заштитниот озонски слој на Земјата изнесува 9,3 милиони квадратни километри. При крајот на септември и почетокот на октомври таа обично се зголемува до 20,7 милиони квадратни километри.
– Многу добра вест. Тоа значи дека земјината полутопка е покриена со многу поголеми количини на озон – изјави Пол Њуман, научник во НАСА.
Озонот во атмосферата е суштински за животот на планетата – го запира штетното ултравиолетово зрачење од Сонцето кое може да предизвика рак на кожата, катаракта, намален имунитет и е штетено за растенијата.
Научниците од НАСА сметаат дека намалената озонска дупка најверојатно не е резултат на започнатите напори на човештвото да се намалат издувните гасови, туку поради промената на временските прилики.
– Треба да разбереме дека ситуацијата што годинава ја набљудуваме е условена со затоплување на стратосферата – изјави Њуман, додавајќи дека „тоа не значи оти нивото на озонот во атмосферата ненадејно започнал брзо да се обновува“.
Хлорот во атмосферата се претвора во супстанца трошејќи го озонот, и за тоа се потребни ниски температури во стратосферата и облаците, прецизира Њуман. При затоплувањето облаците се расејуваат.
Годинава, температурите во атмосферата беа многу повисоки од просечните.
Вештачките соединанија на хлор, кои во атмоссферата можат да се задржат и до 100 години, се штетни за озонскиот слој и создаваат дупки. Овој ефект е најизразен над Антарктикот „поради карактеристичните атмосферски и хемиски услови што постојат таму и никаде на друго место“, соопштуваат од Националниот департмент за океански и атмосферски истражувања.
Меѓународниот Монтреалски протокол, потпишан во 1987 година за зачувување на озонот, забранува производство на многу типови супстанци од хлор што се користат во фрижидери или аеросол, на пример лак за коса. Оттогаш, големината на основната озонска дупка започна полека да се намалува, но сепак таа останува доволно голема.
Нивото на озонот над Антарктикот треба да се обнови до нивото од 1980 година речиси најдоцна до 2070 година, сметаат научниците. Дупката е со максимална големина во периодот септември-октомври, а потоа исчезнува при крајот на декември.