НАСА ја лансираше мисијата Артемис II, прв лет со екипаж кон Месечината по повеќе од половина век

НАСА денеска ја лансираше мисијата Артемис II првиот лет со човечки екипаж кон Месечината по повеќе од половина век, во чии рамки четворица астронаути полетаа од Флорида на десетдневно патување околу Месечината.
Ракетата Space Launch System (SLS) со капсулата Орион полета од Вселенскиот центар Кенеди на Флорида, со екипаж од тројца американски астронаути и еден Канаѓанец: Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен. Мисијата ќе им овозможи на астронаутите да го тестираат Орион во услови на вистинска вселена, вклучувајќи рачно управување и маневрирање во орбитата, како и изведување низа научни и технички експерименти.
Кусо по лансирањето Артемис II, комуникацијата помеѓу четворицата астронаути во капсулата „Орион“ и контролниот центар на Земјата била привремено прекината. Екипажот можел да ги слушне гласовите од контролниот центар, но вработените во контролниот центар не можеле да ги слушнат астронаутите, изјави администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман, на прес-конференција.
- Комуникацијата со екипажот е воспоставена. Активно работиме на проблемот и ќе ве информираме за понатамошниот тек - рече Ајзакман.
Артемис II претставува прв човечки лет во склоп на програмата Артемис, која е покрената во 2017 година со цел воспоставување долгорочно присуство на луѓе на Месечината и подготовка за идни мисии на Марс. Програмата ги наследува мисиите Аполо, чија последна мисија, Аполо 17, заврши во декември 1972 година, оставајќи повеќе од половина век празнина во човечките мисии на Месечината.
Астронаутите во текот на мисијата ќе орбитираат околу Месечината без слетување, ќе прелетаат над нејзината далечна страна и ќе соберат податоци кои ќе помогнат во планирањето на Артемис IV, првата мисија со екипаж која ќе слета на лунарниот површински пол. Враќањето на Земјата е планирано по „патеката на слободно враќање“, користејќи ја месечевата гравитација за враќање без дополнителен погон, а завршувањето на мисијата се очекува по десетина дена во Тихиот Океан.
МИА
Ново на Сител
-

Кувајт протера ирански дипломати по смртоносните напади
-

Во ДР Конго потврдени 344 случаи на ебола, 60 пациенти починаа
-

МЗ: Две лица добија органи од донор, 52-годишник ново срце, 23-годишник бубрег
-

Скопје ќе биде престолнина на европскиот кикбокс – Македонија домаќин на Европското кикбокс првенство 2026
-

МЗ: Две лица добија органи од донор, 52-годишник ново срце, 23-годишник бубрег
-

Се бара притвор за Стефан Богоев, примил мито од 111.600 денари и наместил тендер за чистење гранични премини
-

КБК „Шампион“ со 12 медали на Балканското првенство во Нови Сад
-

ФФМ ја суспендираше Шкендија од Купот за 2026/27 по одбивање на медалите на финалето против Силекс
