Бизнис
26. July 2020 - 8:34

Најмногу пари за храна и режиски трошоци, најмалку за културни активности

Просечно домаќинство во земјава за задоволување на основните потреби како што се храна, облека и комуналии троши над 60 проценти од вкупните приходи.

Податоците што ги објави Државниот завод за статистика во публикацијата „Северна Македонија низ бројки“ покажуваат дека во 2019 година најмногу граѓаните трошеле пари за храна и безалкохолни пијалоци (43.1) и за комуналии (10.8). Не заостануваат ниту трошоците за отплата на кредити и инвестирањето во недвижности. (8.0)

Околу шест проценти од вкупната потрошувачка отпаѓаат на трошоците за превоз, пет проценти се трошат на облека и обувки, четири ипол проценти за купување мебел и одржување на покуќнината и четири проценти за одење по ресторани и хотели. Најмалку пари граѓаните трошат за образование и културни активности.

Минатата година во споредба со 2014 година зголемено е и купувањето на автомобили, мобилни телефони и клима уреди, а намален интерес за купување има за хај-фај музички системи и ЦД носачи на звук.

 

 

Зголемен индексот на трошоците на живот во 2019 година

Статистиката покажува зголемени трошоци на живот во 2019 година во споредба со 2018 година. Според податоците објавени во публикацијата, индексот на трошоците на живот лани бил зголемен за 0,8 проценти.

Зголемени трошоци се забележани кај алкохолните пијалоци, тутунот, храната и безалкохолните пијалоци, а намалување кај трошоците за облека и обувки, превоз и домување.

Во текот на изминатите 10 години, најголем скок на трошоците на живот е забележан во 2011 година.