Македонија
16. August 2023 - 9:10

Најавен протестен собир пред тетовскиот суд за модуларната болница

За денеска во 12 часот е најавен протестен собир пред Основен суд Тетово за модуларната болница во која животите ги загубија 14 луѓе при пожар на 8 септември 2021. Повикот за протест по социјалните мрежи се споделува од граѓани и невладини организации.

Протестот следува по емитување на документарен филм на МРТ во неделата насловен „Убиство во Тетово“ а посветен на оваа несреќа во која животите ги загубија 14 луѓе.

За пожарот во модуларната болница во тетовскиот суд имаше судски процес кој заврши на 5 јуни годинава. Тогаш условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.  Бесими и Етеми добија утврдената казна затвор од по една година и шест месеци, која ќе се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од три години сторат ново кривично дело. Болницата треба да плати еден милион денари која треба да се плати 30 дена по правосилност на пресудат.

По завршување на судењето судијата Јордан Велковски образложи дека обвинетите не се обвинети за предизвикување на пожарот, а според него, обвинителниот предлог со ниту едно дејствие не ги обвинува обвинетите дека тие придонеле за пожарот.

Тетовското обвинителството поднесе жалба по повеќе од еден месец од изречената пресуда.

-Основното јавно обвинителство Тетово на 10.07.2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда, како во однос на висината на определената кривична санкција за двајца од обвинетите, така и во однос на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Причините за жалбата јавното обвинителство ќе ги образложи пред надлежниот суд, информираа од Обвинителството.