Македонија
14. November 2016 - 10:19

Награда за филмскиот проект „Сестра“ на копродукцискиот маркет во Котбус

Филмскиот проект во развој „Сестра” на „Лист продукција“ ја освои наградата „coco Post Pitch Award“ на копродукцискиот маркет Connenting Cottbus (coco) во Котбус, Германија, каде што беше претставен минатата недела.

Наградата, која подразбира постпродукциски услуги во вредност од 25.000 евра, ја доделува германската продукција „The Post Republic“. Одлуката ја донесе тричлено жири составено од истакнати професионалци од филмската индустрија. 

„Сестра” е проект за долгометражен игран филм во режија на Дина Дума, која е и косценарист заедно со Мартин Иванов. Продуцент е Марија Димитрова.

Филмот „Сестра” ќе биде прв долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума. Досега таа има снимено два картки филма -  „Елена” и „Враќање”, кои беа прикажани на повеќе фестивали и имаат освоено награди.  Пишувањето на сценариото за филмот е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Connenting Cottbus (coco)  е копродукциски маркет кој оваа година се одржуваше 18-ти пат, а секогаш за време на филмскиот фестивал во Котбус. Наменет е за проекти од Југоисточна Европа.

За време на овогодишниот маркет,  10 проекти меѓу кои и „Сестра”, беа јавно презентирани пред познати филмски професионалци од Европа, продуценти од западноевропски земји, особено од Германија, пред продажни агенти, дистрибутери, претставници на фондови и финансиери, со цел да обезбедат копродукциски средстава за реализација на филмовите.