Македонија
27. јуни 2024 - 16:31

Каевски ја оперирал ногата, судењето за спортски ваучери се одложи

Незаконската распределба на спортски ваучери, направила дупка во државниот буџет од над 5 милиони евра. Обвинителство тврди дека поседува обемна документација за штетата предизвикана од двајца директори на Агенцијата за млади и спорт и Централната комисија за распределба. Ќе се истражува и начинот на кој фирмите ги користеле ваучерите.

„Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинети, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра“, изјави Лидија Раичевиќ, Јавен обвинител.

Злоупотребата на ваучери денеска првпат влезе во судница, ама првото рочиште се одложи. Првообвинетиот Дарко Каевски, како поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт ја оперирал ногата и моментално бил неподвижен, па не можел да дојде. Неговиот адвокат Петре Шилегов до судот ја доставил целата медицинска документација за Каевски и рече дека обвинетиот нема тенденција за одолговлекување на судењето. На обвинителната клупа седат уште Наумче Мојсовски, членовите на централната комисија и нејзиниот претседател Даниел Димевски. Според него, случајот е монтиран па за обвинителката и уште три лица поднел кривична пријава.

„Комисијата на која јас бев нејзин прв претеседател ниту е надзорен орган, ниту може ниту смее да биде, ниту пак има овластување. Меѓутоа, свесно обвинителката во друштво на овие тројца, направи параван, магла, наместо да се гони тоа што треба, се гони нешто сосема друго со единствена цел да се сокрие вистинскиот криминал бидејќи има пријавено конкретни лица кои тоа го направиле“, изјави Даниел Димевски. 

„Таков фронтален напад од страна на обвинети, Јас со дигнитет го отфрлам и сметам дека треба да се преземат мерки вакви настапи да нема во иднина, затоа што ќе дојдете во ситуација да нема обвинители кои ќе поднесуваат смели и храбри обвиненија затоа што некој го прекршил законот“, вели обвинителката Раичевиќ. 

Стартот на судењето за злоупотреби на спортските ваучери е одложено за деветти јули. Според обвинителството, измамите се реализирале три години, па сите 12 мина обвинети се гонат за злоупотреба на службената положба и несовесно работење.