Над 900 производи во „Новогодишната кошница“
Заменик министерот за економија Марјан Ристески денеска објави дека листата на производи од акцијата „Новогодишна кошница“ е зголемена на повеќе од 900 производи.
-Интересот за приклучување на компаниите во акцијата „Новогодишна кошница“ расте, за една недела листата на производи се зголеми од 650 на повеќе од 900 производи, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Тој најавува дека од задутре, кога почнува акцијата па до 15 јануари граѓаните ќе можат да купат повеќе од 900 производи од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти.
Ристески се заблагодарува на компаниите кои се дел од акцијата (производители, дистрибутери и маркети), кои, како што нагласува, излегоа во пресрет на повиците на јавноста и на дело ја покажуваат нивната општествена одговорност.
-Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на info@mojakosnica.mk. Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk, наведува Ристески во објава на Фејсбук.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека бројот на производи опфатени со акцијата е зголемен од 600 на 800 и оти Државниот пазарен инспекторат ќе ја следи работата на маркетите.
Мицкоски уверува дека најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“ ќе го заштити семејниот буџет.
-Очекувам позитивни ефекти и очекувам за празниците потрошувачката кошничка да биде што побогата, изјави Мицкоски, по поставувањето камен темелник на нова фабрика во ТИРЗ Кичево.
Во листата на новогодишната потрошувачка кошничка спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Изминатите денови пазарните инспектори ги мониторираа сегашните цени на производите коишто ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Акцијата „Новогодишна кошница“ ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страна на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.
Ново на Сител
-
Кривична за двајца полицајци за злоупотреба на службената положба
-
Маск предлага амнестија за Зеленски во замена за мирни демократски промени во Украина
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
Орбан: Јасно се гледа стратешката разлика во ЕУ по изборите во САД, некои сакаат војна, а некои мир
-
Мицкоски: Се надевам дека нашиот процес на евроинтеграции ќе биде откочен со големата поддршка од Унгарија
-
Орбан: Зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ оди бавно, за тоа не е одговорна земјата, туку Европската Унија
-
АХВ: Во природната вода Ругове од Косово присутни бактерии
-
Уште еден случај на мачење животни - возач врзал мачка на својот автомобил | ВИДЕО