Свет
28. November 2025 - 7:55

Национален штрајк во Италија: Засегнати железницата, транспортот, образованието и здравството

Во Италија денеска се одржува 24-часовен национален штрајк организиран од водечките синдикални организации во земјата, јавуваат италијанските медиуми. Штрајкот е придружен со демонстрации на многу места, а главна причина се мерките предвидени во предлог-буџетот за следната година.

Штрајкувачите бараат повеќе инвестиции во образованието, здравството и транспортот, драстично намалување на трошоците за одбрана, достоинствено плаќање на трудот, индексирање на пензиите според инфлацијата, како и закон за минимална саатница, пишува „Месаџеро“.

Организаторите, исто така, повикуваат на запирање на воената поддршка за Израел и изразуваат солидарност со палестинскиот народ. Штрајкот е насочен и против разликите во плаќањето на мажите и жените, како и против приватизацијата на енергетските, поштенските и телекомуникациските компании, јавниот превоз, заштитата на животната средина, здравството и образовниот систем.

Штрајкот има сериозни последици врз транспортот и јавните служби:

Штрајкот започна синоќа во 21 часот по локално време и ќе трае до 21 часот вечерва. И покрај тоа, законот гарантира одвивање на одредени меѓурегионални линии во одредени временски појаси.

Засегнат е и локалниот градски превоз, со тоа што постојат различни гарантирани временски појаси за сообраќај во различни региони и градови. Таксистите не штрајкуваат.

Во штрајкот се вклучени авиоперсоналот и аеродромските службеници, што може да доведе до доцнење или откажување на летови. Патниците се советуваат да го проверат статусот на своите летови. И во авиотранспортот има загарантирани периоди за извршување на летови.

Професорите се приклучуваат на штрајкот, што може да предизвика нарушувања во образовниот процес.

Здравствениот сектор исто така штрајкува, но итните операции и суштинските здравствени активности ќе се извршуваат. Пациентите со закажани прегледи може да бидат презакажани на друг датум.

Ова е еден од неколкуте национални штрајкови што се одржаа во Италија од почетокот на есента, а следниот е закажан за 12 декември.

 

МИА