Свет
11. July 2021 - 17:57

На парламентарните избори во Германија можат да учествуваат 53 партии

На 53 партии им е дозволено да учествуваат на парламентарните избори во Германија на 26 септември, соопшти Федералниот изборен комитет.

Меѓу партиите на кои им е дозволено да учествуваат на изборите за Бундестагот се наоѓаат сите парламентарни партии и 44 помали партии, на кои им се припишува мали или никакви шанси да влезат во федералниот Парламент.

Меѓу нив се и партии на вегетаријанци и вегани, една хип-хоп партијаа, Европската партија на љубовта, како и партијата наречена „Останати“.

Реакции во јавноста предизвика дозволата за учество на партијата „Трет пат“ на федералните избори. Оваа партија за време на пандемијата на коронавирусот, особено се истакна со радикално десничарските политички ставови.

Истовремено, на Германската комунистичка партија и е забранета изборната трка, поради нецелосни финансиски извештаи на партијата, на која ова и е првпат од нејзиното основање во 1968 година да не и е дозволено учество на избори.

Барањето за учество на парламентарните избори, меѓу другото, им е отфрлено и на партиите како што се Анархистичката пого партија на Германија или Германската партија за жени, правна држава, заштита на природата, поттикнување на децата и демократска љубов.

За учество на годинешните парламентарни избори барање поднеле 88 партии.

Еден од условите за поднесување барање е обезбедување на одреден број потписи, што зависи од бројот на гласачи во секоја федерална провинција.

Оваа година, бројот на потребни потписи, поради пандемиските услови, е намален на една четвртина од инаку потребните потписи.

Дозволата се издава врз основа на Законот за политички партии, а клучно за издавањето на дозвола е партиите „убедливо да докажат“ дека нивното јавно дејствување се заснова врз „сериозни принципи“.

Претседателот на Федералниот изборен комитет, Георг Тиел, преку Твитер објасни дека дозволите за излегување на изборите не се даваат врз основа на содржината на партиските програми, туку според формалните критериуми, односно исполнување на условите пропишани со закон.

Тој истакна дека одлуката дали партијата постапува согласно Уставот или не, може да ја донесе само Уставниот суд на Германија.