Македонија
31. January 2022 - 14:32

На Детската клиника успешно излекувано девојче од леукемија

На Универзитетската клиника за детски болести едно девојче успешно е излекувано од леукемија, изјави министерот за здравство Беким Сали. Тој денеска ја посети Клиниката со цел да види, како што рече, до каде се стигнати градежните работи во Одделот за онкологија, што наскоро се планира да биде отворен.

– Онколошкиот центар на Клиниката за детски болести е еден од поуспешните во регионот и за таа цел дојдов да ја поддржам и понатамошната работа на Клиниката, додаде Сали.

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова истакна дека и е драго што се при крај подготовките за отворањето на новиот Регионален онколошки центар.

– Имавме денеска и одење дома на девојченце кое девет месеци се лекуваше од леукемија и успешно заврши лекувањето без никакви последици. Ни беше драго што можеше да го чукне ѕвончето што значи дека среќата кај децата сепак мораме најмногу да ја поддржуваме и почитуваме, а од тука започнува и среќата на возрасните. Имавме еден преубав ден и така нека продолжи и понатаму, рече д-р Софијанова.

Одговарајќи на новинарско прашање таа посочи дека новиот Оддел за онкологија ќе има капацитет за 25 до 30 деца, вклучувајќи ги и посттрансплантационите што досега не беше случај.

– Вкупно прераспределени на двете одделенија имаме околу 20-тина дечиња, додаде д-р Софијанова.