Македонија
8. October 2024 - 16:34

Муртезани: Се бара ново решение за спорот со Бугарија со претставници од ЕУ, ќе биде обелоденето по бугарските избори

Во Брисел нема голем оптимизам за уставни измени со одложено дејство, но сепак не се ни децидни дека целосно се одбива предлогот на Владата на Македонија, вели министерот за европски прашања Муртезани. Сепак доколку овој предлог биде целосно отфрлен, во моментов се работи на изнаоѓање други решенија за продолжување на евроинтегративниот пат на Македонија, но финален предлог нема.  Кои се опциите не обелоденува, се правеле интерни консултации, а ќе чекаат и нова Влада во Бугарија за да имаат со кого да остварат дијалог.

Писмото кое премиерот Мицкоски најави дека ќе го испраќа до европските институции за откочување на европската интеграција, се уште е без содржина вели Муртезани и се прават консултации што да биде вклучено во него.

Според Муртезани има можност за дополнителни блокади од Бугарија во протоколите, затоа се разгледуваат сите можности, а решенија се бараат и со високи претставници од Брисел и земји членки на Унијата, за како што вели да се заштити интересот на државата.

Коалицијата ВРЕДИ од која доаѓа и министерот Муртезани, даде рок на Владата од шест месеци за да излезе од кризата со европските интеграции и да најде решение за продолжување на европскиот пат на Македонија. Рокот истекува во декември, а дали е можен излез од владејачката коалиција доколку Владата не најде решение, министерот за европски прашања вели има уште два месеци, па ќе видат кои ќе бидат алтернативите.