Муцунски за „средбата“ со Чамова: Користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска демантира дека имал билатерална средба со новоименуваната министерка за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова Чамова, појаснувајќи дека станувало збор за кратка размена на зборови на маргините на настан.
Муцунски нагласи дека не станува збор за официјален состанок, реагирајќи на изјавата на неговата бугарска колешка.
- Во однос на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“, наведува Муцунски.
Во објавата тој реагираше и на користењето на терминот „северномакедонски“ во изјавата на бугарската министерка, оценувајќи го како неточен и несоодветен.
-Би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ - истакна шефот на дипломатијата.
Муцунски нагласи дека прецизноста во дипломатијата не е формалност, туку израз на меѓусебна почит, додавајќи дека останува отворен за остварување официјална средба со бугарската министерка.
- Како што и ѝ кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина - порача Муцунски.
Инаку, Петрова Чамова денеска во Брисел каде учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, изјави дека „имале убава прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија“.
МИА
Ново на Сител
-

ЦУК: Пет активни пожари, два под контрола
-

Таранто 2026: Четврто учество на македонските спортисти на Медитерански игри
-

Ангелов: Изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица, граѓаните да бидат особено внимателни поради висок ризик од пожари
-

Министерот Клековски ќе информира за состојбата со западнонилска треска во државата
-

Македонските дипломати во Скопје ги прецизираат идните задачи на дипломатската мрежа
-

Брисел: Украина сама треба да одлучи кога ќе одржи избори, ЕУ е подготвена да помогне
-

Трамп потпиша меморандум за зголемување на комерцијални вселенски лансирања
-

Хрватската Влада забранува исклучување на електричната енергија за ранливите потрошувачи
