Македонија
2. September 2025 - 12:23

Муцунски од Блед: Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални прашања

Проширувањето на Европската Унија не смее да биде под заложништво на билатерални спорови и идентитетски прашања бидејќи на тој начин се ризикува не само застој на една земја туку и целиот кредибилитет на процесот.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на работниот појадок со шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на ЕУ, одржан во рамки на Бледскиот стратешки форум потенцираше дека Македонија останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.

-Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок, нагласил Муцунски.