Муцунски на средба со Македонците во Литлхамптон: Заедно градиме посилни врски и подобра држава
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој престојува во посета на Обединетото Кралство, имаше средба со Македонците во Литлхамптон, во црковниот храм „Свети Ѓорѓи“.
Муцунски на Фејсбук објави дека во обраќањето пред македонската заедница истакнал дека тие се жив мост меѓу двете држави.
- Заедно градиме посилни врски, заедно придонесуваме за подобра држава. Нивниот труд, успеси и љубов кон татковината се инспирација за сите нас. Нивната интеграција во британското општество, научната дејност, бизнис-секторот и културниот живот е уште еден доказ дека македонскиот идентитет се негува и надвор од границите на нашата земја. Ги запознав со тековните активности на Владата и Министерството за унапредување на врските со дијаспората, особено во делот на културната соработка, поддршката на младите и создавање нови можности за поврзување со матичната земја. Благодарен сум за нивниот ангажман и ја нагласив потребата од натамошно зајакнување на комуникацијата и соработката, наведува Муцунски во објавата на ФБ.
Тој и министерот за одбрана Владо Мисајловски, вчера во Лондон имаа средба со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, Гарет Томас.
Фокусот на средбата бил ставен на потенцијалите на економската соработка, како и на соработката во областа на инвестициите, зголемувањето на трговската размена, потенцијалот за соработка во делот на инфраструктурните проекти, како и на подобрување и модернизација на здравствените капацитети.
Муцунски престојува во тридневна работна посета на Лондон на покана од државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, особено по потпишувањето на договорот за инвестициско партнерство. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
МИА
Ново на Сител
-
Земјотрес од 6,4 степени го погоди истокот на Индонезија, нема опасност од цунами
-
Европол: Разбиена меѓународна албанска мрежа на организиран криминал, уапсени 10 лица
-
Мицкоски: Ќе има одговорност за секој што ќе се огреши пред законот без разлика од која политичка партија доаѓа
-
Мицкоски: Над 720 милиони денари за инвестции во спортска инфраструктура
-
Арон Тејлор-Џонсон сè посериозен кандидат за улогата на „007“
-
Новозеландска пратеничка исфрлена од Парламентот заради говор за Газа
-
Рбјаков: Русија се надева дека средбата меѓу Путин и Трамп ќе ја поттикне нормализацијата на односите со САД
-
Маск најави тужба против Епл