Фудбал
15. February 2020 - 10:24

М.Сити најголема жртва на финансискиот фер-плеј

Фудбалскиот свет вчера го шокираше веста дека УЕФА му изрече два годишна суспензија на Манчестер сити за настап во европските купови и го казни парично со 30 милиони евра. Според извештаите на УЕФА клубот во периодот од 2012 до 2016 година ги кршел правилата од финансискиот фер-плеј.

Сити имаат право на жалба. Тие најавија дека одлуката на УЕФА ќе ја обжалат пред Судот за спортска арбитража во Лозана.

Какви правила прекршиле Манчестер сити?

Англискиот шампион, според извештаите на УЕФА, ги заобиколувал правилата поврзани со работењето со спонзорите кои се директно поврзани со сопствениците на клубот. „Фудбал Ликс“ и германскиот весник „Шпигл“ пред неколку месеци јавно ги објавија податоците кои покажуваат дека Сити направиле сериозни прекршоци во обидот да заобиколат одредени правила на УЕФА.

„Шпигл“ тврдат дека поседуваат документи кои покажуваат како челниците на Сити расправаат на кој начин да избришат долг од 10 милиони фунти.

Сити наводно добивал финансиски инјекции од инвестициска компанија позади која стојат Обединетите Арапски Емирати, а парите во клубот влегувале преку спонзорски договори со разни компании.

Меѓу тие компании преку кои парите нелегално влегувале во клубот бил и главниот спонзор „Итихад“. Ваквиот начин на работење не е дозволен според правилнокот на УЕФА.

Исто така „Шпигл“ открива дека за да ги прекрши правилата на клубот му помагале актуелниот претседател на ФИФА Џани Инфантино кој во 2014 година бил секретар во УЕФА и поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини.

Инфантино и Платини според извештаите на Манчестер сити, но и на Шари Сен Жермен им овозможувале помали казни поради кршењето на правилата. На крајот овие клубови наместо казни од 60 милиони добиле казни од 20 милиони евра.

Што е финансискиот фер-плеј на УЕФА

Финансискиот фер-плеј (ФФП) е донесен во 2009 година, а се применува од 2011 година. Целта на ФФП е да ги спречи клубовите да трошат повеќе од она што го заработуваат. Клубовите секоја година мора да имаат чисти сметки. Во случај да не можат да докажат дека работат „чисто“ тогаш се соочуваат со казни од УЕФА.

Правилата на УЕФА се јасни кога станува збор за ФФП. Доколку сосптвеникот на клубот вложува сопствени пари тогаш тој клуб може да биде во минус од 30 милиони евра три години. Меѓутоа доколку сопственикот не вложува свои пари тогаш дозволениот минус во работењето е пет милиони евра.