Македонија
26. July 2015 - 12:56

Монотеатарската опера „Дневникот на лудиот“ вечерва на „Охридско лето“

На сцената во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ вечерва во рамки на Младото театарско „Охридско лето“ ќе биде изведена монотеатарската опера „Дневникот на лудиот“, на авторот Н.В. Гогољ, овојпат како креација на Марјан Неќак.

Неќак, како театарски композитор, преку оваа поставка ја реализира својата идеја да оформи еден музички театар, во кој изразно средство покрај драмската игра и текстот ќе биде и музиката.

- Претставата носи еден сосема поинаков естетски израз, остварен во соработка со главниот актер во неа, осмислен да даде подруга слика, едно сосема ново, специфично видување, самонаречен „собен спектакл“, појасни режисерот Неќак на денешната прес-конференција.

За самиот процес на создавањето на претставата тој рече дека се работело на начин на отворен ум, односно вклучување на идеи, размисли во креирањето на уметничко дело.

Озрен Грабариќ, актерот кој ја носи театарската игра, за специфичната форма на изразување преку музика забележува дека тој музиката во претставата како и самата поставка не ги доживува како демонстрација на некаква перфекција на пејачки вештини, туку посебност во изразувањето.

- Музиката според мене е средство на изразување, наспроти денешницата во која музиката се повеќе е само форма, убави гласови, убави тонови, но површни и досадни. Тоа е можеби најголемиот плус во оваа наша заедничка работа, појасни Грабариќ.

Тој додаде дека независно специфичната поставка, главнината на текстот на Гогољ протекува низ целата претстава, одредени делови се изразени низ песна, одредени низ слика, а некои низ игра.

„Дневникот на лудиот“ од Н. В. Гогољ се смета за прв детален запис за шизофренија, уште пред болеста да биде призната и именувана во медицинската пракса. Како и да е, го доведува во прашање целиот свет во којшто личноста се обидува да го открие својот идентитет и општествен статус. Преку приказната на Попришкин, Гогољ на луциден начин зборува за болеста на општеството и не потсетува дека сите ние сме во некаков конфликт со реалноста 

Додека конфликтите помеѓу Истокот и Западот, левицата и десницата, религиозниот и атеистичкиот свет, стануваат сè посилни, секој се бори за својата нормалност и во оваа борба тој е прогласен за луд.

Авторската креација на Неќак ја третира тремата на ликот, неговото заробеништво во самиот себе, неговите неможности и неговите полуинтересни реченици напишани од Гогољ без музичка партитура не би звучеле толку силно и запрепастувачки без разлика на успешноста на актерската интерпретација.

После настапот на „Охридско лето“ претставата „Дневникот на лудиот“ ќе гостува на неколку фестивали, меѓу кои „Улисис“ на Бриони, Македонски отворен театар,  на фестивалот „Мали сцени“ во Риека, како и на Фестивалот на монодрамата во Битола. Во октомври претставата ќе биде прикажана во Загреб.