Македонија
11. August 2021 - 14:08

МОН: Учебната година ќе почне на 1 септември, досега вакцинирани околу 60 отсто од кадарот

На дваесетина дена пред новата учебна година, Министерството за образование и наука соопшти дека таа ќе почне во редовниот термин, 1 септември, и дека се интензивни подготовките за стартот во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје.

МОН информира дека досега од вкупно 31 447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60 проценти и апелира наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштитат сопственото, а со тоа и здравјето на најблиските.

Како што и претходно информираше, има три сценарија за почетокот на 2021/2022 година, кои минатиот месец беа усвоени на владина седница.

-Првото за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021, која што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава, и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање. Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести, наведува МОН во соопштение.

За оваа намена, МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести ги изработи Планот за одржување на наставата во учебната 2021/2022 година и протоколите за постапување на основните и средните училишта и тие пред повеќе од еден месец беа усвоени од Владата и веднаш доставени до сите училишта и јавно објавени на www.mon.gov.mk.

– Во меѓувреме, МОН заедно со локалните самоуправи и директорите на училиштата е во интензивна комуникација и се подготвува за сите три сценарија и за успешен почеток на новата учебна година на 1 септември, информира Министерство за образование и наука.