Мокринските извори на Беласица сега достапни и за лицата со посебни потреби
Дел од природните убавини на Беласица стануваат достапни и за лицата со инвалидност. Општина Ново Село гради нова патека на Мокринските извори која овозможува пристап до оваа природна реткост да имаат сите туристи. Патеката е дел од проектот „Туризмот иднината на регионот“ и има за цел да ја подобри туристичката понуда во подбеласичкиот регион. Освен патека се градат и неколку нови летниковци од кои едниот е специјализиран за лицата со телесен инвалидитет.
„Со овој проект им овозможуваме на лицата со телесен инвалидитет веќе да можат да пристапат до нашите убавини, да уживаат во нашата природа, во во Мокринските извори, да пристапат директно до изворот од каде доаѓат водата, под јаворите. Направени се веќе нови летниковци, исто така покрај патеката е направен и летниковец специјализиран за да може да пристапат лицата со телесен инвалидитет и да може и тие да уживаат во сите празнични атмосфери и викенд организации што ги организираме и се од неформална природа,“ вели Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село.
Од општина Ново Село велат дека се работи за многу значаен проект бидејќи преку него се создаваат еднакви можности за сите граѓани.
„Сметам дека ова уредување на Мокринските извори е особено важно за граѓаните затоа што на овој начин пружаме еднакви можности за сите граѓани освен од нашата општина и од останатите општини од регионот, но и сите посетители воопшто затоа што овие локалитети до сега беа достапни само за еден од граѓаните, а сега може да бидат достапни апсолутно за сите,“ вели Божинов.
Проектот „Туризмот иднината на регионот“ се реализира преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со средства обезбедени од Бирото за регионален развој и општина Ново Село. Вкупниот буџет изнесува околу 4 милиони денари. Во рамки на овој проект, освен Мокринските извори, нови содржини добиваат и водопадите во Колешино.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар