Мобилниот сервис за домашна посета ги подобрува здравствено-социјалните услуги во Кочани
Со услугата Мобилен сервис за домашна посета, што во Кочани функционира повеќе од една година, здравствено-социјална грижа добиле близу 1.700 корисници од 28 населени места во општината, како и во соседните општини Чешиново-Облешево и Зрновци.
Опфатеноста на жителите во селата е поголема и изнесува 62 отсто, а останатите се во градот, при што и половата структура е со приближно ист сооднос во корист на женската популација.
– За 33 домаќинства со индикации за социјален ризик и сиромаштија им се обезбедуваат пакети со храна и средства за хигиена, а членовите на 10 домаќинства добија и облека. Кај девет домаќинства кај кои е утврден социјален ризик, преку Планот за еднакви можност на жените и мажите од Општина Кочани им е обезбедена финансискиска помош од шест илјади денари. Покрај директните услуги, проектот овозможува информирање и јакнење на здравствената свест кај населението, обезбедување здравствена заштита на лица кои немале матичен лекар, а им нуди и олеснување на матичните лекари за ризичните групи пациенти, како и за пациентите кои често не одат на лекар, истакна Лидија Ефтимова, координаторка на проектот во Кочани.
Посетата на екипите на мобилниот сервис за некои од жителите на пооддалечените села е единствена можност да добијат здравствена услуга, особено што во текот на летниот и зимскиот распуст, кога за учениците нема превоз, ниту постарите пациенти не можат да стигнат до болницата во Кочани.
Од локалната самоуправа оценуваат дека придобивките од проектот се значајни со оглед што 80 отсто од вкупниот број домаќинства се посетени и втор пат, а пациентите со декубитус и повеќепати.
– Повеќе од успешен е проектот Мобилен сервис за грижа во домашни услови во Кочани, која е првата општина во државата каде што почна да се реализира подобра здравствена и социјална заштита за лицата од рурални средини и во социјален ризик. Со овој европски модел на здравствена услуга се опфатени пациентите со хронични и кардиоваскуларни болести, дијабетес, корисници на социјална и парична помош, постарите лица кои се тешко подвижни и лица од рурални средини. Притоа, медицинските сестри имаа посебен тренинг за давање здравствени услуги во домашни услови, истакна Николчо Илијев, градоначалникот на Кочани.
Задоволни од проектот се и корисниците на услугите, кои претежно се возрасни лица и во поголем број случаи веќе ја поминале деветтата деценија од животот.
– Имаме потреба од домашна посета затоа што во нашето село нема лекар, а во целата општина Чешиново-Облешево има само една приватна ординација. Со моите 93 години не можам да патувам до Кочани, така што доаѓањето на медицинските сестри кај мене дома ми ги олеснува здравствените проблеми, а често им порачуваме да ни ги купат и потребните лекарства од аптеките во градот, истакнува Ѓурѓа Крстева од селото Бурилчево.
Информации за лицата на кои им е потребна помош се добиваат од матичните лекари и од медицинските лица во Општата болница во Кочани, по што мобилните екипи веднаш излегуваат на терен. За потребите на проектот е обезбедено посебно означено возило, а работно се ангажирани седум лица кои примаат бруто-плата од 20.500 денари месечно и со стекнатото искуство подоцна полесно ќе можат да најдат трајно вработување.
Носители на проектот „Мобилен сервис за домашна посета“ се министерствата за здравство и за труд и социјална политика, партнер е Општина Кочани, а финансиската поддршка е од УНДП.
Ново на Сител
-
Постапка против десет лица за кривични дела поврзани со криумчарење возила
-
Во Јужна Кореја прогласена седумдневна жалост поради авионската несреќа
-
Коцевски: Од страна на Јавното обвинителство не протекуваат информации
-
Трент не го известил Ливерпул дека ќе премине во Реал
-
Почина Јагнула Куновска, македонска политичарка и адвокатка
-
Извршени десет претреси во Скопје, Неготино, Дојран и Битола во акцијата поврзана со криумчарење луксузни возила
-
Со вонредните контроли на АХВ, парично казнети 23 угостители
-
Приведено лице заради службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање на службена тајна“