Македонија
15. January 2025 - 16:34

Младите во Британија не знаат да променат сијалица, во Македонија велат тоа го прават без проблем

Менување сијалици во домот, чистење на автомобил, закачување рамка на ѕид- работи навидум едноставни кој можете да ги направите сами, но младите, односно Генерацијата З за извршување на овие работи плаќа професионалци, покажуваат британските истражувања. 

Секој петти од испитаниците на Халфордс, на возраст од 13 до 28 години не знаел што е клуч за завртување, додека една четвртина сметала дека е премногу опасно да се качат на скала за да сменат сијалица. Во истото британско истражување,  57% од ген 3 не знаат да напумпаат автомобилска гума, а далеку помалку знаат да сменат бришач.

Резултатите покажале дека се губи способноста кај младите за извршување основни и практични задачи. 

Но младите во Британија не останаа должни да возвратат на ова истражување. Велат не менуваат сијалици, ниту прават дупки во ѕидот за да закачат рамки бидејќи поголемиот дел од нив живеат под кирија и ако направат некоја промена во просторот ќе им биде одземен депозитот. Други пак живеат со нивните родители и тие ги извршуваат овие основни работи, бидејќи е прескапо да си купат стан. 

Повеќето од нас не можат да си дозволат да бидат сопственици на домови, па затоа живеат во изнајмени станови кои ги ставаат станарите во постојана напнатост со нивните газди. Удирањето со мал чекан во ѕидот изгледа како кривично дело. Лично, не би се осмелилa да направам ниту една ракотворина во мојот моментален изнајмен стан, од страв дека ќе ги изгубам сите мои животни заштеди (извинете, мислам на депозитот, вели во нејзината статија Ели Мур која живее во Лондон.

Но во Македонија се чини ова не е случај. Сител анкетираше млади од Генерацијата З, сите велат дека е нормално да знаат да променат сијалица, а дури и редовно менуваат. Тоа се основни работи велат, кои сите знаат да ги изврушуваат тука. 

Иако според истражувањата за Генерацијата З, менување сијалица или гума на автомобил се мисии што многумина од нив ќе ги препуштат на професионалци, тие се експерти во дигиталниот свет.

Генерацијата З, родена помеѓу 1997 и 2012 година, ги владее апликациите, социјалните мрежи и новите технологии. Оваа Генерација е позната по својата способност да управува со дигитални уреди, да креира онлајн содржини, да маневрира со социјалните платформи и да ги користи новите технологии за бизнис и креативни изрази.