Митева: Никој што е вмешан нема да биде амнестиран во истрагата за Кочани
Телефонската линија 070 355 526 што ја отвори Владата за потребите на повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства денеска официјално профункционирала и, како што изјави портпаролката на Влада Марија Митева, одѕивот бил голем и 30-ина семејства веќе контактирале за да дадат свои предлози и барања.
Во интервју во Дневникот на ТВ Сител вечерва Митева рече дека секогаш има потреба од повеќе и оти оваа помош нема да биде еднократна и краткотрајна. Како што рече, во рамки на тоа е и личниот контакт на премиерот. Tој имал средба со дел од семејства на загинатите кои имале желба тоа да не биде во јавност и, рече, од тоа не сакаат да се прави пиар.
Според Митева, во недостиг на идеи за програми, некои политички структури ја злоупотребуваат трагедијата со неточни информации „со тенденција и цел дека Владата ја заострува реториката“.
- Разбираме сосема дека болката и емоциите при една ваква трагедија се на највисоко ниво, и ниту имаме намера за заострена реторика, особено не со семејствата на оние кои загубија свои најблиски, неточни се информациите пласирани од некои политички структури, истакна Митева.
Соопшти и дека за пренамената на одморалиштето на Пониква за рехабилитација на повредените во пожарот се очекува утре на седница на Владата да биде донесена одлука МВР да го предаде објектот на користење на Министерство за здравство.
Во врска со проширувањето на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ со приведувањето на Александар Нацев, близок до ВМРО-ДПМНЕ, Митева одговори дека никој што е вмешан нема да биде амнестиран и оти „клучното прашање кога зборуваме за правда не е кој е или чиј е туку што направил и кога зборуваме за неселективна правда зборуваме токму за тоа“. За истрагата рече дека по околу 90 дена е „скоро завршена со можност за проширување“.
Прашана за коментар за изборот на Азир Алиу за министер за здравство, одговори дека, пред сè, тој има искуство во извршната власт што е потребно, рече, во водењето процеси што бараат посветеност, работа и реформи, особено во здравството. Како што рече, нив ги нема иако ресорот седум години го воделе доктори.
- Што добро видовме во здравството со министер доктор? Можам да кажам дека имавме едно уништено здравство, така што да не одиме врз база на титулите туку врз база на визијата за реформи и храброста да ги преземете тие напори. Верувам дека ќе биде посветен на својата позиција и дека навистина ќе се залага за реформите и промените што се наш приоритет, рече Митева, притоа додавајќи дека „излегувањето на Алијанса за Албанците од Владата не го измрда нашиот пат за јасна визија за промени за што ја добивме довербата од граѓаните“.
На прашањето кои се три крупни промени што ги направила Владата во една година откако е на власт, Митева ги посочи начинот на управување односно враќање на институциите на граѓаните, позитивните индикатори во економијата и промената во начинот на водење на дипломатијата.
Ново на Сител
-
Над 10 отсто од лицата на возраст за пензионирање во ЕУ и натаму работат
-
Митева: Никој што е вмешан нема да биде амнестиран во истрагата за Кочани
-
Американските власти го привеле најпознатиот „тиктокер“ во светот, Хаби Лејм
-
Градоначалникот на Тирана, Велиај, останува во притвор, одбиено барањето за поблага мерка и понудената кауција
-
Иран ја проширува забраната за шетање кучиња во дваесетина градови: „Нечисти се и се симбол на Западот“
-
Орбан: Русија не може да победи ниту во Украина, а не пак да се спротистави на НАТО
-
Квaлификaции зa CП 2026: Макeдoнијa победи прoтив Кaзaxстaн
-
Невреме во Букурешт: Поплави, соборени дрвја и доцнења на летови