Македонија
8. February 2016 - 15:18

Мисајловски: Општина Куманово да не ги кочи проектите и да достави документација за Пчиња и Романовце

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска побара од кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски да не ја кочи реализацијата на проектите кои се од интерес на граѓаните и апелираше да ја достави проектната документација за изградба на водоводна и канализациска мрежа за населените места Пчиња и Романовце.

За реализација на проектите за овие две населени места, општина Куманово има на располагање над еден милион евра.

- Иако со општината Куманово се договоривме да достават проект за овие две населени места за да можеме да отпочнеме да ги реализираме проектите, сепак, досега тоа не го сторија. Сакам да апелирам до општина Куманово да не ги кочи проектите на граѓаните, да се придржуваат на договорот што го имавме кај нас во Министерството. Тие на располагање имаат уште околу 1,5 милиони евра и доколку не сакаат да ги користат, ќе бидеме принудени евентуално со одлука на Влада да им ги одземеме, изјави министерот Мисајловски.

Жителите на Романовце и Пчиња при посетата на министерот Мисајловски и тогашниот премиер Никола Груевски во септември минатата година побараа решавање на проблемот со водоводната и канализациската мрежа по што им беше укажано дека општина Куманово треба со проект да аплицира до Министерството за транспорт за да им бидат одобрени средства. 

Средствата наменети за овие два проекта во општина Куманово се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски кое започна инвестициски циклус за изградба и реконструкција на водоводниот и канализацискиот систем во општините. За таа цел општините имаат на располагање вкупно 50 милиони евра, средства обезбедени преку заем од Европската инвестициска банка и 9 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.  

До сега завршени се 42 проекти во 37 општини од областа на комуналната инфраструктура во висина од 12,4 милиони евра, а во фаза на реализација се 23 проекти во 20 општини во износ од 7,2 милиони евра. Во тек е постапка за јавна набавка за проекти во 8 општини во износ од 3,7 милиони евра.