Македонија
1. October 2025 - 16:04

Мисајловски и Хелез на првиот академски час на Воената академија: Академијата е симбол на знаење и лидерство, со високо реноме и квалитетна настава

Министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, кој престојува во официјална посета на земјава, присуствуваа и се обратија на првиот академски час на Воената академија, со што и официјално почна новата учебна година за идните офицери.

На новите питомци, министерот Мисајловски им порачал да бидат горди што се дел од етаблирана и регионално позната Академија која ги создава идните лидери за македонската Армија и за вооружените сили на неколку земји од регионот.

-Вие сте срцето на татковината, од вас ќе излезат нови генерали, офицери. Гордост е да се види оваа слика со македонската униформа, но и со питомците од пријателски земји кои се заедно со нас, им порача министерот Мисајловски на питомците.

Посочи дека со вклучувањето на питомци од Босна и Херцеговина и Црна Гора, ја развиваме регионалната соработка, а Академијата е симбол за знаење и лидерство. -Бидете силно ангажирани, покажете како се сака татковината зашто вие сте иднината на Армијата, потенцира Мисајловски.

Министерот Хелез истакна дека целите – стабилност, мир и членство во евроатлантските структури не се само политички аспирации, туку потреба за нашите народи за сигурност, просперитет и достоинствен живот.

-Министерството за одбрана и вооружените сили на Босна и Херцеговина продолжува со интензивните реформи, за да бидеме целосно интероперативни со силите на НАТО и во согласност со европските стандарди. Во тој процес, искуствата и поддршката од земјите како вашата кои поминаа низ тие фази за нас се драгоцени, нагласи Хелез.

Како што информираат од Министерството за одбрана, на првиот академски час се обратил и деканот на Воената академија, полковникот Ненад Танески, кој на питомците им порачал дека „униформата која ја носите е симбол на чест, доверба и служба, кон татковината и кон регионалната безбедност и мир“, укажувајќи дека средбата во ист состав, по четиригодишното образование, кога питомците ќе бидат промовирани во потпоручници, ќе биде најдобрата потврда за заедничкиот успех.

МИА